Конечна одлука на МОН: Еве како ќе се одвива наставата од први септември
Учебната година ќе започне со онлајн настава, пресече Министерството за образование. На денешната прес-конференција министерот за образование Арбер Адеми рече дека новата учебна година треба да почне, но со електронска комуникација.
Исклучок ќе има во два случаи – за учениците од 1 до 3 одделение, кои ќе посетуваат настава во училиште, со физичко присуство, а втор исклучок ќе има и ќе се дава согласност за организирање на настава со физичко присуство во училишта каде има многу мал број ученици.
И во двата случаи, ќе се бара согласност од родителите нивните деца да присуствуваат на наставата.
Според изработените протоколи, во една училница не смее да има повеќе од 20 ученици, со цел да се спречи ширење на коронавирусот.
Ова е значајна, тешка одлука и затоа беа неопходни консултации, рече Адеми кој додаде дека одлуката ја донеле по долги консултации со Министерството за здравство, особено со Комисијата за заразни болести.
Рече дека од сите чинители се очекува максимална одговорност, за да не дојде до влошување на епидемиолошката состојба.
Следен чекот е Владата да ги разгледа овие протоколи, а потоа ќе бидат доставени до општините.