Во заклучоците објавени по видео-самитот на Европската Унија за кризата во Белорусија се наведува дека ЕУ не ги признава претседателските избори, дека Унијата е со народот на Белорусија и ги повикува белоруските власти да изнајдат начин за излез од кризата без насилство и со сеопфатен национален дијалог.
Во текстот од осум точки се наведува дека Европски совет со се поголема загриженост внимателно го следи развојот на настаните во Белорусија.
– Изборите од 9 август не беа ниту слободни ниту фер и поради тоа не ги признаваме резултатите, се наведува во декларацијата по ЕУ Самитот.
Исто така се наведува дека народот на Белорусија има право да одлучува за својата судбина, а Европскиот совет изразува јасна солидарност со Белорусите и нивната желба за основни демократски права.
ЕУ го осудува и „несразмерното и неприфатливо насилство“ врз учесниците во протестите и бара ослободување на сите приведени демонстранти. Унијата очекува и целосна и транспарентна истрага за пријавеното кршење на основните права.
Во документот се истакнува и дека ЕУ набрзо ќе воведе санкции „против значителен број поединци одговорни за насилството, репресијата и лажирањето на изборните резултати.
ЕУ во заклучоците укажува дека властите во Белорусија го загрозуваат реализираниот напредок во изминатите години во билатералните односи помеѓу Брисел и Минск и оти понатамошното вложување на ситуацијата ќе има негативни последици по односите на двете страни.
– Ги повикуваме белоруските власти да изнајдат начин за излез од кризата и да стават крај на насилството, на деескализација и на инклузивен национален дијалог. Само мирен и демократски процес поддржан од независни и слободни медиуми и силно цивилно општетство може да даде одржливи решенија. Сите страни, вклучително и трети држави треба да поддржат таков процес, се посочува во заклучоците.
ЕУ најави и дека ќе продолжи да ја следи ситуацијата и оти е подготвена да придонесе за мирно завршување на кризата и оти го поддржува и предлогот на ОБСЕ за дијалог во Белорусија. (МИА)