ВМРО-ДПМНЕ – Заев и неговите функционери го спасуваат и чуваат сопствениот капитал, наместо животот на граѓаните
Со 6,073 случаи на заразени од Ковид 19 на милион жители, Македонија е невидена катастрофа во целиот регион. Бројката од 259 смртни случаи на милион жители говори за поразителните политики на власта и неодговорноста кон сопственото население, велат во денешното соопшение од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
На власта не и е грижа што во Македонија повторно има 140 новозаразени вчера, ниту им е грижа за 539-те смртни случаи од почетокот на пандемијата, Страшни и црни се бројките од 12.653 заболени граѓани од коронавирусот.
Ова говори за неодговорноста во справувањето со коронавирусот, Заев и Филипче ги оставија луѓето сами да се снаоѓаат со оваа зараза.
Од лошиот третман по клиниките, недоволната грижа, несоодветните услови, немањето на кадар по болниците, препраќањето на пациенти кои имаат тешки симптоми дома да се лекуваат, како и несоодветните превземени мерки, до несправувањето со кластерите резултираше со вакви поразителни рекордни бројки.
Токму министерот Филипче на прес конференциите велеше дека бројката на заболени се очекува да биде до 2.500 граѓани, а сега за рекорните 12.653 заболени граѓани власта молчи и веројатно очекува вирусот да го снема сам од себе.
Оваа влада покажа дека здравствениот систем и економијата се црна дупка во која живее македонскиот граѓанин. Системот не функционира, капацитети нема доволно, а нема ниту способност да се помогне на граѓаните чии разочарувања се огромни.
Кластерите се нижат, порастот на заболени е непрестанат неколку месеци по ред, а власта изгледа не сака да се справи со вирусот, како што не сака да се справи со економските проблеми и со образованието. Единствениот интерес на Заев и СДСМ се парите како да завршат во фирмите на фамилијата, додека расне бројот на починати, а Македонија срамно пробива рекорди по број на заразени, велат од ВМРО-ДПМНЕ.