Продажбата на заштитни маски во аптеките во Италија е преполовена во последните сто дена, а Италијанците купуваат десет пати помалку средства за дезинфекција отколку на почетокот на епидемијата на коронавирусот во земјата, покажаа податоци на компанијата Иквиа, која ја следи потрошувачка во аптеките.
Метеж на плажите, преполни аперитив барови, а Италијанците постепено се ослободуваат од маските што понекогаш ги чуваат во џебовите или на брадата, пишува италијанскиот весник „Ил Соле 24 Оре“.
– Ова е сериозен факт затоа што тоа е еден од ретките начини за одбрана од вирусот што ни е достапен, рече претседателот на фармацевтското здружение Федерафарм, Марко Косоло.
Пред два месеци луѓето трчаа во аптеките и супермаркетите да купат маски, особено хируршки, што понекогаш ги немаше, а денес кога нема проблеми со резервите и со стабилна цена од 50 центи за хируршка маска, Италијанците се чини дека се уморни од ова клучно средство за запирање на вирусот, пишува италијанскиот дневен весник.
Според податоци на Иквиа, кривата на купување маски во Италија достигна врв во седмицата меѓу 6 и 13 април, околу еден месец откако почна блокадата, кога Италијанците потрошија 5,5 милиони евра на маски во текот на една недела.
Од тогаш се бележи континуиран пад со најниска точка на 20 јуни, а потоа и мало зголемување со последната анализирана недела до 20 јули, при што е забележана набавка на заштитни маски за вкупно 2,2 милиони евра.
Врвот на набавка на средства за дезинфекција во Италија беше на 9 март, на почетокот на рестриктивните мерки, додека на 20 јули продажбата падна на најниско ниво од воведувањето на блокадата поради Ковид-19.
Со 35.132 смртни случаи од Ковид-19, Италија е шеста земја во светот по бројот на жртви од коронавирусот, по САД, Бразил, Мексико, Велика Британија и Индија.