Имунитетот заснован на антитела, стекнат по прележување на Ковид-19, може да исчезне по неколку месеци, што го отежнува пронаоѓањето на вакцина што би штитела подолг временски период, покажува најновото истражување.
„Овој труд потврдува дека одговорот во заштитни антитела кај лица заразени со САРС-КоВ-2 (…) се чини дека брзо се намалува, изјави денеска д-р Стивен Грифин од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Лидс.
Тој додава дека вакцините би требало да обезбедат посилна и потрајна заштита од природни инфекции.
– Ако инфекцијата ви обезбеди ниво на антитела што се намалува за два до три месеци, вакцината потенцијално ќе го стори истото, а „една доза можеби нема да биде доволна“, изјави една од водачите на студијата за лондонскиот весник „Гардијан“.
Како што е наведено, студијата на престижниот Кралски колеџ во Лондон сè уште нема ревизија, но истата е објавена на веб-страницата на medrxiv.
Истражувачите ја проучувале имунолошката реакција во повеќе од 90 потврдени случаи (вклучително и 65 преку виролошки тестови) и покажале дека нивоата на неутрализирачки антитела способни да го уништат вирусот, достигнуваат врв во просек околу три недели по почетокот на симптомите, а потоа брзо се намалуваат.
Според крвните тестови, дури и луѓето со благи симптоми имале имунолошки одговор на вирусот, но генерално помалку од луѓето со потешки форми.
Само 16,7 проценти сè уште имале високо ниво на антитела 65 дена по првите симптоми.
Експертите, исто така, забележаа дека имунитетот почива не само на антителата, туку и на Б и Т-клетките кои учествуваат во одбраната на организмот.
– Дури и ако на крајот немате антитела, тоа не мора да значи дека немате заштитен имунитет затоа што веројатно имате клетни со имунитетна меморија, кои можат брзо да преземат активности за да предизвикаат нов имунолошки одговор ако повторно стапите во контакт со вирусот, така што може да имате поблага инфекција, вели професорката за вирусна имунологија Мала Мани, консултант на Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Професорот од клиниката Ворвик, Џејмс Џил вели дека дури и оние кои имаат позитивен тест на антитела, особено оние кои не можат да објаснат како биле изложени на вирус, треба да продолжат да бидат внимателни, да се придржуваат до мерката за физичко растојание и да користат маски. (МИА)