Извршителите од денеска продолжуваат со извршување на наплата на долговите
Од денеска извршителите продолжуваат со редовните активности откако истече важноста на Уредбата, со која беше предвидено 30 дена по престанувањето на вонредната состојба да продолжи целосната примена на Законот за извршување.
-Согласно Уредба со законска сила за примена на Законот за извршување за време на вонредна состојба ( Службен весник бр. 86 од 01.04.2020 година) е предвидено дека Законот за извршување (Службен весник бр. 72/16,142/16,233/18 и 14/20) нема да се применува од денот на влегување во сила на уредбата со законска сила до 30 јуни 2020 година, a согласно Уредба со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за извршување за време на вонредна состојба (Службен весник бр. 156 од 12.06.2020 година) се менуваат зборовите од првата Уредба ,, до 30 јуни” со зборовите, заклучно со истекот на 30 дена по престанувањето на вонредната состојба, се наведува во соопштението од Комората на извршители на РСМ.
Согласно последната Уредба со законска сила за измена и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за извршување, важењето на Уредбата, како што велат од Комората, е уште 30 дена по престанувањето на вонредната состојба а која заврши на 23.06.2020 година, што значи дека од денеска продолжува целосната примена на Законот за извршување.
До март годинава, како што информираат од Народна банка на РСМ биле блокирани 229.314 трансакциски сметки, од кои 190.183 се на физички лица, а 39.131 се на фирми.
Вкупниот број блокирани депоненти според објавените податоци е 106.723, од кои 26.000 се компании, а околу 80.000 се физички лица.