На 20 април пристигна учебникот по Општество за прво одделение – па и не каснеше многу, само цела учебна година!

По седум месеци и 20 дена по почетокот на учебната година првачињата ги добија учебниците по Општество. До крајот на учебната година остануваат уште два месеци, а децата веќе го имаат поминато поголемиот дел од материјалот.

Рака на срце, материјалот и не е којзнае колку, иако кога на корицата ќе видите набројани пет автори, ќе помислите дека се работи за енциклопедиско издание. Но, нека не ве фаќа паника. Првачињата до крајот на годината, точно два месеци, ќе треба да ги доработат страниците до 36, така што не постои опасност да бидат преоптоварени со наставниот материјал по Општество.

Децата, пак, од погорните одделенија со години немаат учебник по овој предмет. Затоа, првачиња, навистина ви било среќно!

Сепак, доколку во листањето на тазе учебникот во ранците на вашите првачиња наидете на некоја сомнителна информација, како на пример дека ова е знамето на Португалија, дека Едгар Алан По ги забележал aвантурите на Гордиот Пим, дека белвица е нагалено за охридска пастрмка, дека Македонија на исток се граничи со Албанија, а на запад со Бугарија, дека на жената местото ѝ е во кујната, дека жените се штитат од криминал со седење дома… имајте на ум дека министерот не ги пишува учебниците.