Мицкоски за работната група за уставните измени: Се срамам од нивниот срам, ќе има одговорност бидејќи нивната работа е без предметна

Немам што да додадам за семејните стебла во ДУИ и СДСМ. Се срамам од нивниот срам, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање кој е неговиот став во однос на таканаречениот експертски тим кој ќе биде дел од работната група за уставните измени.

Претседателот Мицкоски потенцираше дека очекува да има одговорност од работната група, бидејќи ќе земаат само хонорар од народот, а нема да сработат ништо, повторувајќи го ставот на партијата дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да поддржи отворање на уставот.

Очекувам одговорност бидејќи кога ќе дојде првиот чекор во парламентот а тоа е отпочнување на постапката и утврдување на потребата на отворање на Уставот да не успее. И тоа ќе биде уште една политика на Ковачевски која што не успеала, и потоа кривична одговорност за оние кои ќе земат хонорари од народот, а практично нема да сработат ништо бидејќи нивната работа е без предметна. Така што го повикувам Ковачевски да не биде кукавица, веднаш да ја достави иницијативата до парламентот и пратениците во парламентот да го дадат својот став по тоа прашање. Јас само можам исто така тоа што го кажа претседателот на СПМ дека коалицијата за Обнова на Македонија која што во парламентот брои 44 пратеника нема да ја поддржи оваа иницијатива за отворање на Уставот, рече тој.

Мицкоски додаде дека оваа тема за уставните измени е само уште една политика на Ковачевски која ќе биде поразена и токму затоа треба да се затвори што побрзо, и да се насочат кон решавање на проблемите во здравството, образованието, криминалот и корупцијата.

Час поскоро да ја затвориме оваа тема имаме поважни работи. Не крадат, пљачкаат милијарди од народот, здравството ни е катастрофа, децата во школо немаат книга и ајде за тоа да збориме, ова треба да го игнорираме и да го затвориме. Ова е уште една политика на Димитар Ковачевски која ќе биде поразена, а јас ќе повторам дека за ова ќе има одговорност, дециден е Мицкоски.