Николоски: 60 часовна работна недела или стотици милиони евра пенали и уставни измени по бугарски диктат

Двете теми кои ги отварам во насловот на оваа колумна навидум не се поврзани една со друга, но во суштина се многу поврзани – симболизираат неспособност и криминал споени во едно. Таква е Владата на СДСМ и ДУИ, неспосбна и криминална. Македонија тоне, економијата се распаѓа, а корупцијата цвета, затоа секој што може да замине заминува.

Изминатава недела ја одбележаа овие два настани – скандалозниот договор кој Владата на СДСМ и ДУИ го крие од јавноста за баснословни пенали кои државата треба да ги плаќа, како и одбивањето да се прифати т.н. „хрватски модел“ и јасното признание дека уставни измени сакаат да прават исклучиво по бугарски диктат.

Доколку законски не се измени работното време односно од 40 часа неделно не се зголеми на 60 часа, тогаш државата ќе плаќа пенали од три вида кон Бехтел, еднократно 53 милиони евра, секој месец 1 милион 265 илјади евра на веќе постојни трошоци кои што треба да се платат во договорот и дополнителни 900 илјади евра. Доколку во рок од 45 дена по потпишување на договорот не се зголеми работната недела, значи владата во име на собранието презела обврска, иако во уставниот поредок е обратно, Собранието ја бира Владата, во тој случај ќе се плаќаат пенали од три вида.

Прво, еднократно државата ќе исплати на Бехтел 53 милиони евра пенали, потоа секој месец ќе доплаќа по 1 милион и 265 илјади евра на постојните трошоци кои што треба да се платат во договорот, или вкупно месечно 4 милиони и 185 илјади евра и трето на ова дополнително уште 900 илјади евра секој месец. Значи еднократно 53 милиони евра, и секој месец за промена на работното време од 40 на 60 часа. И второ доколку ова не помине, се обврзале дека на секоја делница ќе даваат по дополнителни 6 месеци рок на изведба. Така што тие 5 години кои што беа споменувани дека ќе се завршат доколку има 5 делници тоа значи дека ќе бидат 7 и пол години.

Збор два и за обидот за уставни измени. Долго време во јавноста се зборува дека е потребно европско решение на проблемот кој што Македонија го има  во однос на европските интеграции. И долго време двете владејачки партии СДСМ и ДУИ зборуваа дека Хрватска може да е пример кој што може да се следи. И ние за тоа велиме доколку Хрватска е модел којшто може да се следи дајте да ја копираме Преамбулата од хрватскиот Устав и јасно да напишеме дека Македонија е национална држава на македонскиот народ во којашто исто така живеат и националните малцинства и да се набројат сите национални малцинства кои што се појавуваат во пописот.

Мислам дека по 30 години порази на македонскиот народ од промена на знамето, преку двапати промена на име и неколкупати промена на Устав, време е и другите политички субјекти во Македонија да видат на свој грб како е да се прават национални отстапки,  пред се мислам тука на политичката партија ДУИ којашто 20 години ги ужива плодовите на власта, и нешто конечно да добијат Македонците, а тоа е дека ова е национална држава на македонскиот народ.

Тоа е нашиот предлог, тие претходно го зборуваа и така што не гледам пречка зошто не би се прифатил. Ние ова го предлагаме власта на СДСМ и ДУИ го одбива со што ја покажува својата дволичност и покажува дека нема волја за заштита на националните интереси. Затоа ВМРО ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени под бугарски диктат.

Овие два примени покажуваат најдобро дека ова е најлошата Влада во историјата на независна Македонија која ја уништува и пустоши државата. Тешки ќе бидат годините пред нас во кои ќе треба да ја креваме Македонија од пепелта во која ја оставаат, потребни ќе се најмудрите да помогнат и да направиме јасна стратегија за крај на националните понижувања и корупцијата.

Колумна на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за порталот „Фокус“.