Совет на Европа: Регистрацијата на ОМО Илинден-Пирин не е ризик за Бугарија

Извршувањето на пресудата за ОМО Илинден-Пирин е премногу долго време „на чекање“. Во Бугарија имаше избори и кога ќе се формира нова влада повторно ќе разговараме за ова прашање, одговорија од Комитетот на министри на Советот на Европа на прашање на „Слободен печат“

Советот на Европа бара од 46-те земји членки да покажат политичка волја и да ги спроведат пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур и да ги подобрат своите капацитети за тоа.

-Почитувањето на судските одлуки е од суштинско значење за владеењето на правото. Низ цела Европа Конвенцијата за човекови права ги смени на подобро животите на луѓето, но за да продолжи позитивниот импакт земјите членки на Советот на Европа мора да покажат политичка волја и целосно и доследно да ги спроведат пресудите – вели генералната секретарка на Советот на Европа (СЕ), Марија Пејчиновиќ Буриќ.

Изјавата на Пејчиновиќ Буриќ е дадена по објавувањето на годишниот извештај на Комитетот на министри на Советот на Европа за спроведување на пресудите на ЕСЧП. Извештајот кој што ги опфаќа сите членки на СЕ плус Русија покажува дека после Турција и Русија во Бугарија има најмногу „случаи на чекање“. Меѓу нив е и случајот со пресудите за ОМО Илинден-Пирин.