Мејер од Софија: Освен Уставот, Македонија мора да ги промени и учебниците

Францускиот предлог е плод на колективен труд на сите земји-членки на ЕУ и Македонија треба да ги направи устaвните измени, а колку повеќе земјата го забавува овој процес, толку повеќе го забавува и членството во ЕУ, рече во интервју за БГНЕС, амбасадорот на Франција во Софија, Жоел Мејер.

Мејер, вели дека Македонија, после промената на името, под диктат на Грција, мора уште еднаш да го промени не само својот Устав, туку и своите учебници!

Така што Македонија не е исклучок и таа треба да ги спроведе реформите. Францускиот предлог дозволи да се создаде перспектива за Македонија затоа што во интерес на сите соседи на земјата е да имаат сосед кој одговара на европските стандарди. Во оваа смисла Македонија треба да го промени Уставот и ако Скопје го прифати ова, тогаш може да сметаме дека Скопје гледа поголема причина да се присоедини кон ЕУ. Сметам дека сега треба да се засили дијалогот и да се промени што побргу Уставот. Ако не го направи тоа, правилата на играта се јасни – рече амбасадорот Мејер.

Тој потсети на Договорот за пријателство и добрососедство кој беше потпишан помеѓу Македонија и Бугарија и додаде дека децата во Македонија треба да ја учат од учебниците направени од Историската комисија за заедничката историја, а не да ја учат македонската историја како до сега.

Тој договор вклучува и гарантирање на правата на Бугарите во Македонија. Мислам дека тој функционира и од него произлегоа решенија за засилување на економските и културните врски. Тука мислам и за заедничката историска комисија која цели да се постигне консензус во заедничката историја на двете страни и да се реализира идејата според која во даден момент ќе се напишат учебници кои ќе споделат иста визија за заедничката историја – додаде амбасадорот.