Радев се заканува со вето

Бугарскиот претседател Румен Радев најавува вето за Македонија, а македонскиот премиер Димитар Ковачевски на ова одговори дека Македонија преговара со ЕУ, а не со Бугарија.

„Во моментов сме во состојба на вето. Со решението што успеавме со голем труд да го вметнеме во преговарачката рамка, преговорите ќе започнат дури откако Бугарите ќе влезат во уставот на нашиот сосед. Тие се уште не се впишани и преговорите не се започнати. Тоа е состојба на вето“, рече Радев.

Ковачевски вели дека по досегашниот тек на скринингот, Македонија во еден од патоказите ќе потврди дека правата на малцинстгвата во земјава се на многу повисоко ниво од многу земји членки на ЕУ.

„Имаме и закони за остварување на правата на помалите заедници . Имаме и министерство за овие прашања. Затоа, сметам дека барањето на кој било политичар не претставува никаков проблем бидејќи правата што ги имаат сите подединци и групи се на повисоко ниво од многу земји членки на ЕУ. Буарија не би ја коментирал затоа што се наоѓа во избори и оттаму се даваат најразлилни изјави заради политички поени. Нека им завршат изборите па ќе разговараме. Но, ние со Бугарија не преговараме, туку со Брисел“, изјави Ковачевски.

Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ вели дека изјавата на Радев дека Бугарија е во состојба на вето поради тоа што Бугарите не се вклучени во Уставот на државава е потврда на тоа што тие го зборувале.

Бугарија претходно ги блокираше македонските преговори со ЕУ. Пред неа и Франција беше против Албанија и Македонија да почнат преговори. Резерва имаше и Холандија.