Собранието на Бугарија ќе расправа за Македонија, нивниот амбасадор е повикан на консултации, се споменува ново вето

Народното собрание на Бугарија денеска на седница треба да расправа за односите со Македонија и како што е најавено, последниот физичкиот напад врз бугарски државјанин. Дел од бугарските политичари бараат ново вето на преговирите на Македонија со ЕУ, а се споменува и прекин на дипломатските односи.

БТА пренесува дека пред бугарските пратеници денеска ќе се обрати министерот за надворешни работи Николај Милков.

Предлогот за ставање на оваа точка како трета на дневниот ред на денешната седница е на барање на партијата Преродба и на собраниската комисија за политики за Бугарите во странство.

Министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков вчера на средба во Брисел ги информирал колегите за претепаниот секретар на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков и побарал од нив солидарност и однос по ова прашање.

„Имаме ескалација на тензијата и ескалација на притисокот поврзан со правата на бугарската заедница таму. Тие започнаа со усвојување на законодавна акција против бугарската заедница и нејзиното право на здружување, што покажа консензус меѓу владетелите и опозицијата на антибугарска основа. Потоа следуваше палењето на бугарскиот клуб, за што беше изречена условна казна. Потоа следеа три напади на други клубови и пукање во еден од нив. Виновниците никогаш не беа пронајдени”, изјавил вршителот на должноста министер, цитиран од БНР.

На прашањето дали Бугарија повторно ќе го искористи правото на вето за преговорите на Македонија со ЕУ, Милков одговорил:

„Сѐ зависи од тоа како ќе се одвиваат работите, на прво место оваа работа никогаш не е на исклучена, иако правото на вето е како атомско оружје – неговата моќ не треба да се користи, туку да стои како некаква можност да ги натера другите да отстапат, да преговараат, да се дојде до некаков општ консензус. Се надевам дека нема да го искористиме”, порачал шефот на бугарската дипломатија.

Вчера бугарскиот амбасадор во Македонија Ангел Ангелов беше повикан на консултации во Софија. Бугарското министерство за надворешни работи соопшти дека причината е „сериозноста на ситуацијата во однос на правата на Бугарите” во оваа земја и „ескалацијата на злосторствата од омраза” во последните месеци. 

Според бугарските медиуми, ова е последниот чекор пред прекин на односите помеѓу Македонија и Бугарија.

Ангелов ја доби оваа наредба првиот работен ден од неделата и неполни 24 часа по посетата на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи на Софија.

Последен пат во март 2022 година, бугарскиот дипломат во Москва, Атанас Крастин, доби наредба да се врати во Бугарија. 

Повлекувањето на Ангелов е најсериозната демонстрација кон Скопје што ја направи Софија. 

„Границата на слободата на говор се преминува кога се зборува против бугарскиот народ, против Бугарија, против одредени научници и политичари. Слободата на говор не е пречка да се има соодветен однос на официјалните власти на РСМ против јазикот на омраза и оние кои го шират. Има малку знаци од нивна страна во овој поглед. Видот, стилот и тонот на комуникација во голема мера зависи од менаџментот. Овој јазик на омраза, кој се излева од повеќе страни во РСМ, е директна причина за настани како што е тепањето на Христијан Пендиков“, искоментира потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.

Во меѓувреме, македонскиот претседател Стево Пендаровски по состанокот на Советот за безбедност побара да му се забрани влез на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски. Пендаровски не го именуваше, но рече дека се работи за „европратеник од Бугарија“. Според Пендаровски, информациите кои директорите на Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност му ги презентирале биле дека структури во Бугарија зад кои стои руската разузнавачка служба по секоја цена се обидуваат да ги нарушат односите меѓу двете држави и да го запрат и минираат евроинтеграцискиот процес на Македонија. Претседателот на државата изјави дека организирани структури во Бугарија, кои спроведуваат антидржавни кампањи кон земјава, се мобилизирани да поддржат организирано доаѓање на одбележувањето на 4 февруари – денот на раѓањето на Гоце Делчев.