Чулев: „Спасовски ДОДЕЛИЛ РЕЧИСИ 13 МИЛИОНИ ЕВРА на компанија на чие отворање самиот присуствувал“

Немаат крај скандалите во Министерството за внатрешни работи од чиј буџет се испумпуваат милиони евра за набавка на храна за потребите на полициските службеници. Денес продолжуваме со нови докази, за тоа како во Министерството за внатрешни работи раководено од страна на Оливер Спасовски плаќа милионски суми евра за тендери за набавка на храна, изјави Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој прашува дали полициските службеници заслужуваат и треба да бидат колатерална штета на бизнис зделка, во која крајната цел е парите да завршат во компанија блиска до Оливер Спасовски и СДСМ?

– Ова е договорот помеѓу компанијата Индустри сервис и МВР на Спасовски за достава на храна за потребите на полицискиот центар во Ѓорче Петров. Овој договор е потпишан на 10.01.2023 година и е во висина од околу 5.5 милиони евра. И во полицискиот центар во Ѓорче Петров како и во случајот со центарот за обука во Идризово има најмодерна кујна за приготвување на храна за полицајците, но наместо да се користи истата, МВР на Спасовски набавува храна од приватна компанија. Токму во полицискиот центар во Ѓорче Петров, функционира кујна во која до сега вреден и искусен персонал подготвуваше храна за полициските службеници, рече тој.

Додаде дека Индустри сервис со добивање на двата тендери од МВР на Спасовски за Центарот за обука во Идризово и полицискиот центар во Ѓорче Петров  станува една од фирмите преку која се одлеваат најмногу буџетски пари од ова министерство, вкупно од речиси фантастични 13 милиони евра според овие два договори.

– Уште посимптоматично е што токму Оливер Спасовски, кој е министер во МВР, институција која ги прави двете набавки бил на поставување на камен темелник на фабриката на Индустри сервис во Гази Баба пред неколку години. Ова е фотографија од која се гледа Спасовски во друштво на сопственикот на фирмата Индустри сервис Драган Смилковски. А на поставувањето на камен темелник на фабриката во Гази Баба е речиси цела влада на СДС и други функционери, истакна тој.

Според Чулев очигледно е дека Спасовски и сопственикот на Индустри сервис се во блиски односи.