15 години од хеликоптерската несреќа кај Блаце

Единаесет мировници кои се враќаа од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина, загинаа на 12 јануари 2008 година откако армиски хеликоптер Ми-17 околу пладне се урна во селото Блаце кај Катланово. Хеликоптерот се урнал на само 50-ина метри од последните куќи во селото.

Во услови на намалена видливост, поради маглата, хеликоптерот ја започнал постапката за слетување на аеродромот „Александар Велики“.

На стравотниот пад на армискиот хеликоптер му претходела експлозија. Немало жртви од мештаните. Во несреќата никој не преживеал.

Загинале потполковник Тони Спасовски, водник Александар Васиќ, водник Александар Тасковски, заставник Тони Давитковски, постар водник Јанко Шириќ, мајор Горан Ристовски, десетар Златко Вељановски, капетан Бране Спасовски, водник Мики Ивановски, заставник Славчо Василев и капетан Игор Ѓоревски.

Годишнината од тешката несреќа ќе се одбележи денеска во 12 часот. На спомен-обележјето во Катлановско Блаце, свежо цвеќе ќе положи делегација од Министерство за одбрана и Генералштабот на Армијата составена од министерката за одбрана, Славјанка Петровска заменикот министер за одбрана, Башким Хасани и директорот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Зоран Милески. Свежо цвеќе ќе положат и делегации од Кабинетот на претседателот, општината Петровец, Командата за операции, воздухопловниот ВИНГ, првата пешадиска бригада и членовите на семејствата на загинатите припадници.