Мицкоски: Охрид ги чувствува промените, ќе започне изградбата на плоштадот „Крушевска Република“, капитален проект вреден 47 милиони денари

„Почитувани, иако е градот со наследени големи долгови, најдовме начин да вратиме добар дел од нив. но, и реализиравме вистински проекти за Охрид. Веднаш започнавме со проектот за реконструкција на „Македонски просветители“ во центарот на градот, со што се направи целосно автентичен лик на центарот на Охрид. И нема да застанеме тука“, изјави во своето обраќање градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков во кампањата „Промените на дело“ во организација на ВМРО-ДПМНЕ.

Пецаков додаде дека за следната година со буџетот кој што заедно се планираше со граѓаните предвидени се уште повеќе зафати во образованието, во културата, спортот и екологијата. Ќе има уште повеќе инфраструктурни проекти во канализации, асфалтирање и поплочување.

„Комплетно да ја менуваме атмосферската канализација, да изградиме велосипедска патека, паркинзи, нови тротоари како што доликува за Охрид. Проекти од заеднички интерес за сите. Би ги издвоил целосната реконструкција на улицата „Гоце Делчев“, и реконструкцијата на плоштадот „Чинар“. Раководењето на Охрид не е само инфраструктурата во градот и околните населени места, како улици и цевководи, што го сметам за редовна активност туку и бара особено внимание за природата и културата, како нацрт закон за Студенчишко блато, подготовка за прогласување на Охридското езеро за споменик на природата, дислокација на депонијата во Буково, изградба на прочистителни станици во селото Трпејца, Љубаништа и Горно и Долно Лакочереј“, појасни градоначалникот на општина Охрид.

Пецаков посочи дека се спаси најголемата манифестација во Охрид, Охридски пливачки маратон, која заради негрижа ќе згаснеше шест децениската традиција.

„Охрид мора да продолжи да ги чувствува промените“, порача Пецаков.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски нагласи дека општина Охрид не е само туристички центар, туку колевка на македонската историја и духовност.

„Охрид не е само град на езеро, не е само туристички центар, Охрид е душата на Македонија, колевка на македонската историја и духовност. Охрид нема да застане да ги живее промените, предизвикани со чесна и одговорна работа. Кирил Пецаков е личност која што докажа дека е ценета од сите и така ќе продолжи“, рече Мицкоски.

Мицкоски најави дека ќе започне изградбата на плоштадот „Крушевска Република“, капитален проект вреден 47 милиони денари, како и целосна реконструкција на улицата „Гоце Делчев“, проект тежок 36 милиони денари.

„Охрид мора да продолжи по патеките на чесното и ветеното, промените на дело“, порача Мицкоски.