Советот на Општина Аеродром донесе одлука, отворен патот за нови капитални инвестиции во општината

Советот на Општина Аеродром на вчерашната седница донесе одлука за издавање на „Зелена обврзница“ во чии рамки ќе бидат финансирани капитални инвестиции, зелени и енергетски ефикасни објекти кои ќе треба да го подобрат и унапредат живеењето во Аеродром. Зелената обврзница преставува инвестиција во нови проекти во делот на урбанизмот, образованието и социјалната заштита.

Инвестициите во образованието, подразбираат вложувања во објекти кои сериозно треба да го подигнат квалитетот на образовниот процес и да обезбедат подобри услови за реализација на наставата. Во текот на 2023 година во програмата планирана е доградба на две училишта, првото е основното училиште „Блаже Конески“ во населбата Мичурин и второто е ООУ „Гоце Делчев“ во населбата Горно Лисиче.

Во делот на социјалната заштита, проблемот со недостаток на места во сместување во детските градинки го решаваме со изградба на две детски градинки. Првата градинка ќе биде во близина на кулите „Џевахир“, а вториот проект предвидува доградба на детската градинка „Пчелка“. Станува збор за два објекти кои ќе бидат енергетски ефикасни и изградени во согласност со сите стандарди за изградба на објекти од ваков тип. Објекти каде дечињата од Аеродром ќе растат во современа, здрава и чиста животна средина.

Зелената обврзница го отвора патот и за инвестиции во нова улична и патна инфраструктура, нови плоштади, урбана опрема, како и атмосферска и фекална канализација. Аеродром зад ТЦ Капитол ќе добие нов плоштад со хортикултурно и партерно уредување, на повеќе локации низ општината ќе бидат изведени нови сервисни и станбени улици, како и стотина паркинг места во населба Мичурин. Истовремено, во рамките на овие проекти е предвидено поставување на ново улично осветлување, систем за водоснабдување, како и инвестиции во изградба на атмосферска и фекална канализација онаму каде што е потребно.