Извештајот од работната посета на Апелација денеска на седница на Судски совет

Судскиот совет на денешната 427 седница треба да го разгледа извештајот од работната посета на Апелационен суд Скопје.

Работната посета треба да даде одговор за постапувањето на Апелација по предметите „Таргет-Тврдина“, „Трезор“, „Транспортер“ и „Алфа“ во смисла на почитување на законските рокови, преземените дејствија од страна на судијата и законитоста во одлучувањето во смисла на тоа дали учествувал судија кој што исполнил услови за старосна пензија.

Одлуката за работна посета, Судскиот совет ја донесе на итна седница на 19 декември минатата, година, по реакциите во јавноста, откако скопска Апелација ги уважи жалбите на обвинетите за предметот „Таргет-Тврдина“ и го врати на повторно постапување пред Основниот кривичен суд Скопје случајот со масовното прислушување и уништување на опремата од УБК.

На дневен ред на 427-та седница на Судскиот совет, меѓу другото, се и разгледување на Извештај од работна посета на Апелационен суд Гостивар и утврдување на престанок на судиска функција поради исполнување на услови за старосна пензија.