Вилма Русковска суспендирана од работното место, а Арафат Муареми се повлече од функцијата директорот на Управата за финансиска полиција!

Шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска за МИА потврди дека е суспендирана од функцијата.

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, како што претходно денеска информираа од Јавното обвинителство, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, донел Решение за оддалечување од функцијата на еден јавен обвинител додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против него.

Републичкиот јавен обвинител, се вели во соопштението од ЈОРМ, поднел предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда.

„Во согласност со член 93 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.

Имајќи ја предвид одлуката на Јавниот обвинител на Република Македонија, Љубомир Јовески, да поведе постапки за утврдување дисциплинска одговорност за сите три јавни обвинителки и да ја суспендира Вилма Русковска од функцијата основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поради незаконитото постапување и злоупотребата на службената положба и овластување, директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми, информира дека по своја сопствена волја се повлекува од функцијата в.д директор на Управата за финансиска полиција

„Ваквата одлука ја носам со цел во јавноста да не постои ни најмал сомнеж во интегритетот, непристрасноста и независноста на постапката која што и понатаму останува да се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, се вели во соопштението до медиумите од Управата за финансиска полиција.

Од Управата, исто така, нагласуваат дека денешната одлука на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија дава јасна порака дека законите мора сите да ги почитуваат и оти злоупотребите на функциите за лични цели се недозволиви.

Како што информираа денеска од Јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески, денеска поднел предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство. Врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, Јовески, исто така, донел Решение за оддалечување од функцијата на шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава. (МИА)