На 10 август 1913 е поделена Македонија со потпишување на Букурешкиот мировен договор

Завојуваните страни во Втората балканска војна: Србија, Црна Гора, Романија и Грција од една страна и Бугарија од друга страна потпишале мировен договор со кој ставиле крај на балканските војни.

Со овој договорот петте држави си ги поделиле териториите останати од Отоманското Царство на Балканот (Македонија, Косово и Метохија, Васоевиќи, Санџак, Тракија и Северен Епир). Македонија била поделена на тој начин што нејзиниот најголем дел, односно Егејскиот, со површина од 34.356 км² го добила Грција, Вардарскиот дел со површина од 25.342 км² го добила Србија, Пиринскиот дел со 6.798 км² ѝ бил даден на Бугарија, а Албанија добила 1.115 км² во западниот дел. Романија ја добила Јужна Добруџа од Бугарија и се зголемила за 8.000 км² и 303.000 жители.

Претходно на 1 март 1913 година, седум месеци пред потпишувањето на договорот, претставниците на Македонската колонија во Петроград, Гаврил Константинович, Димитрија Чуповски, Наце Димов и Александар Везенков потпишале меморандум за независност на Македонија и му го предале на министерот за надворешни работи на Велика Британија, Едвард Греј, и на амбасадорите на големите сили во Лондон. Со меморандумот Чуповски изработил и карта на Македонија во колор со сите специфичности што аргументирано ги докажувале посебноста и причините за самостојност на Македонија. Меѓутоа, поради сопствените интереси и во отсуство на било какво чувство за реалност и за македонскиот народ, големите сили судбината на Македонија ја оставиле да ја решат завојуваните балкански држави.