Традиционална Семакедонска средба во Трново
Во потпелистерското село Трново, денес се одржа традиционалната Семакедонска Илинденска средба Трново 2022, по педесет и први пат, во дворот на македонската црква „Успение на Пресвета Богородица“.
Добредојде на сите Битолчани, на сите Македонци иселеници од Македонија, на Македонците од соседните земји на Републиката и на Македонците од Европа и прекуокеанските земји, кои деновиве престојуваат во Битола, во Македонија и учествуваат на оваа Семакедонска средба им посака градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
„Во 2014 година, со поддршка на Општина Битола, беа обединети 34-тата Погранична средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија и 43-тата Светска Македонска Иселеничка Средба, во една и единствена Семакедонска Средба, на која Општина Битола и понатаму продолжува да биде покровител. Општина Битола останува отворена за соработка со сите иселеници, а преку низа активности од сите области, настојуваме да ги вратиме нашите иселеници, заедно да ја градиме иднината со подобри услови за живот и работа, со сите искуства стекнати во светот.
Печалбарството навистина оставило траги во развојот на општината и државата, но верувајте нема подборо од родниот крај кој Ви подава рака за враќање назад во татковината, овде сите заедно да живееме, овде да растат новите генерации Македонци. Токму затоа, Општина Битола ги негува и унапредува културните врски со иселениците и ја продолжува и унапредува соработката по проекти од заеднички интерес, за доброто на сите граѓани и на сите иселеници.
Денес е голем ден за сите нас, за нашето минато, сегашност, наша должност за иднината“, посочи Коњановски во своето обраќање.
Организатори на традиционалната Семакедонска Илинденска средба Трново 2022, се Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес.
На средбата присуствуваа, а дел од нив и се обратија пред присутните, претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, професор доктор Љупчо Коцарев, пратеничките Силвана Ангелевска и Олга Лозановска, градоначалниците на општина Новаци Стевче Стевановски, на општина Могила, Драганчо Саботковски и на општина Пустец Пали Колефски, претседателката на Советот на општина Битола, Габриела Илиевска, Иван Џо Петрески, Александар Јаневски, Тодор Петров, Васил Стерјовски, отец Никодим, отец Пимен и други значајни личности од политичкиот и културнинот живот во земјава.
Средбата, на задоволство на присутните, продолжи со богата културно-уметничка програма.