Православните верници денес го одбележуваат празникот Св. вмч-ца Марина во народот познат како Огнена Марија

Православните верници денес го одбележуваат празникот на света великомаченичка Марина, во народот познат како Огнена Марија, која се почитува како борец за христијанската вера и заштитничка на жените.

Според народното верување, Света Марина пали и казнува со огин и како и Свети Илија кој казнува со гром.

Обичај е да на овој празник, кога поради големата жештина гори и небото и земјата, ништо да не се работи.

Во преданијата има примери за оган и громови кои во врелите празнични денови го палеле житото, сеното и домовите на луѓето кои работеле на овој празник.

Родум е од Антиохија Писидиска, од родители незнабошци. Дури во својата дванаесетта година слушнала за Господ Исус Христос, дека се воплотил од Пречистата Дева, дека извршил многу чуда, примил крстна смрт и славно воскреснал. Нејзиното младо срце се распалило со љубов кон Господ и таа се заветила дека никогаш нема да се мажи и со сета душа сакала да пострада за Христа, да се крсти со крв на мачеништво.

Татко ѝ ја замразил заради нејзината вера и не ја сметал за ќерка. Кога царскиот намесник Олимвриј дознал дека е христијанка, побарал од неа најпрво да му биде жена. А кога го одбила, ѝ наредил да им се поклони на идолите, на што света Марина одговорила: „Нема да им се поклонам ниту ќе им принесам жртва на безживотните и мртви идоли, кои ниту самите знаат за себе ниту пак знаат дали ние ги чествуваме или ги бесчестиме: не им ја давам онаа чест што Му припаѓа само на мојот Создател“. Тогаш Олимвриј ја ставил на маки, па целата изнаранета ја фрлил во затвор.

Во затворот Марина Го молела Бога и по молитвата ѝ се јавил најпрво ѓаволот како страшна змија што ѝ се намоткал околу главата. Но, штом светителката се прекрстила, змијата се распукнала и исчезнала. Тогаш ја заблеснала небесна светлина и ѕидовите на затворот заедно со покривот исчезнале и се појавил крст, висок и блескав, а на неговиот врв бела гулабица, од која се слушнал глас:

„Радувај се, Марино, словесна гулабице Христова, ќерко на севишниот Сион, зашто дојде денот на твојата радост.“ Тогаш, со силата Божја, била исцелена од сите рани и болки.

Другиот ден безумниот судија ја мачел во оган и во вода, но Марина сè претрпела како во туѓо тело. Најпосле ја осудил на смрт со меч. Пред смртта ѝ се јавил Господ Исус со ангели. Била заклана во времето на царот Диоклецијан, но со душата и силата останала да живее на небото и на земјата.

Една рака од света Марина се наоѓа во манастирот Ватопед на Света Гора. Во Албанија пак, на планината Ланга, над Охридското Езеро, се наоѓа манастир на света Марина со дел од нејзините чудотворни мошти. Во овој манастир се случуваа и се случуваат многубројни чуда и за нив сведочат не само христијаните туку и муслиманите. Кон оваа светителка Турците имаат толкава почит, што никогаш не посакале да посегнат по светоста и имотот на манастирот. Едно време тутор на овој манастир беше Турчин.