Милевски и Трајанов не го поддржуваат предлогот на Макрон

Министерот за локална самоуправа и лидер на Либерално-демократската партија, Горан Милевски, на социјалните мрежи објасни зошто е против францускиот предлог, ѝ се заблагодари на Франција и го отфрли планот за решавање на спорот меѓу Софија и Скопје и почнување на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.

Еве ја во целост неговата објава:

„La France merci, mais NON,

„Билатералните спорови не смеат да станат Европски услови, како што спорот помеѓу Словенија и Хрватска не беше проблем за влез на Хрватска во ЕУ.
Македонската евроинтеграција не смее да биде заложник на фрустрациите на Бугарија.

Секое предлог-решение мора да добие согласност од Македонскиот парламент.

Јазикот не може да биде компромис, бидејќи тоа е веќе решено прашање со Преспанскиот договор.

Со Преспанскиот договор се гарантираше влез на Македонија во НАТО и ЕУ. Ако сега едниот гарант на договорот, ЕУ, не го почитува, тогаш се доведува во прашање и смислата на самиот договор и колку Македонија треба да го почитува.

ЕУ треба јасно да се изјасне, ја сака ли Македонија во ЕУ или НЕ. Ние повеќе немаме време за губење. Потребен ни е брз развој со јасни политики и однос кон ЕУ и нивните перманенти условувања.

Во ЕУ ќе влеземе како Македонци со своја вековна историја, култура, традиција и вредности, со сопствен јазик и посебности а влез како втора бугарска држава, ниту сакаме, ниту некој може да прифати, ниту кореспондира со реалноста и историјата.

Историската комисија да достави на увид што се договориле со нивните колеги од Бугарија. Не може 3 историчари да бидат историската вистина. За секое нивно решение треба да има широк општествен консензус.

Ова е мој личен став кој ќе го застапувам во рамките на партијата и Владата,“ напиша Милевски на Фејсбук.

И од Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, велат дека имаат сериозни резерви за предлогот, но дека ќе конечниот став ќе го донеле откако ќе го виделе целосниот текст. Свесни се дека на повидок е нов договор.

„Со новиот договор на перфиден начин се оспорува македонскиот идентитет, историјата и јазикот и истовремено не се нудат гаранции дека Бугарија ќе престане да излегува со нови барања, уцени и блокади. Конечниот став ДС ќе го изгради по добивањето на интегралниот текст на предлогот и негова подлабинска анализа“ – истакнаа од Демократски Сојуз.

До овој момент уште тактизираат другите помали партнери во владејачката коалиција, ДОМ и НСДП. Секако став нема ниту од СДСМ ниту од ДУИ.