14 март 2001 – Денот кога започна одбраната на Тетово и војната во Македонија

На денешен ден пред точно 19 години Тетово го доживеа виорот на војната! »  opserver.mk

Првите дејства на етничките албанци во Македонија настапиле кон крајот на 2000 година и почетокот на 2001 година, главно по линијата на границата на Македонија со тогашната српска провинција (денеска држава) Косово. Во почетокот на војната, често пати ОНА ги повикувала македонското население во северозападна Македонија да ги напуштат своите домови. Во почетокот на кризата, македонските власти не превзеле големи мерки, бидејќи биле уверувани дека ваквите дејствија не биле насочени против Македонија. Но, по цели скоро два месеци, состојбата излегла од контрола и македонските власти започнале конечно со подготовка за војна. Но, од друга страна пак, албанските претставници тврдиле дека Република Македонија била подготвена за оваа војна.

Во јануари 2001 година се јавила Националната Ослободителна Армија и ја потврдила одговорноста за постојаните напади против македонската полиција. Лидерите на ОНА, Али Ахмети и неговиот вујко Фазли Велиу, кои потекнуваат од Кичевско, изјавиле дека поседуваат илјадници војници кои се спремни да војуваат против македонската полиција. Но и покрај тоа, тие во тоа време немале подршка од страна на тогашните најголеми албански политички партии во Македонија, ПДП и ДПА. Македонските власти изјавиле дека бунтовниците кои се припадници на ОНА главно потекнуваат од Косово, како главен извор на агресија и месните етнички Албанци во Македонија.

По неколку напади од страна на ОНА врз македонските сили за безбедност, Македонците од многу градови во државата излегле на протести во Прилеп, Битола и Скопје, каде биле запалени многу албански магазини, дуќани и една џамија.

Конфликтот неофицијално во Македонија започнува со нападот на полициска станица во Теарце на 22 јануари 2001. На 16 февруари 2001 година во пограничното село Танушевци, новинарска екипа на А1 телевизија била заробена, а по одземањето на камерата новинарите биле ослободени. По ова започнуваат двонеделни препукувања меѓу безбедносните сили и терористите. На 14 март бојното поле се префрлило во Тетово, во месноста Кале биле регистрирани вооружени напади врз безбедносната полиција. Веќе на 23 март, од страна на властите во Република Македонија била донесена одлука за голем напад врз позициите на ОНА. Македонската армија им нанела голем пораз на припадниците на ОНА. Според некои извори, Албанците сепак не биле спремни и не очекувале таков напад во тоа време од страна на македонската полиција.

Масакрот кај Вејце

По околу двонеделно стишие, на 28 април, на патот меѓу селата Селце и Вејце во Тетово, 16 припадници на безбедносните сили на Македонија при патролирање наишле на заседа, при што загинале осум, а шест војници припадници на безбедносните сили на Македонија биле повредени. Според извршената обдукција, утврдена по смртта, било утврдено дека телата на убиените полицајци и војници по смртта биле дополнително масакрирани. По ова, низ поголемите градови во Република Македонија започнал голем револт на месното население. Македонските власти, во меѓувреме упатиле повик кон ОНА за прекин на огнот кој истиот не бил прифатен.

Борби во Кумановско

На 4 мај околу 4.000 албански герилци од Косово упаднале на македонска територија и освоиле голем дел од северниот дел на Македонија, главно во околината на Куманово. Со ова, се отворил уште едно бојно поле. Борби се воделе во селата Слупчане, Ваксинце, Матејче, Липково, Оризари, Отља итн. Развојот на војната во тој момент бил на страната на ОНА. По ова следеле двонеделни позициони борби. На 24 мај, македонските безбедносни сили започнале голема акција во селата Ваксинце и Слупчане при што било ослободено Ваксинце. Нова ваква акција започнала на 9 јуни за ослободување на останатите окупирани села главно во Слупчане, Матејче, Оризари, Отља, итн. Во борбите кои почнувајќи од 2 мај се воделе во Слупчане и Кумановско загинале 105 терористи на ОНА.

Битка во Арачиново

Истиот ден, на 9 јуни 2001 година, ОНА го зазела Арачиново, село кое географски се наоѓа на само неколку километри од Скопје. Преку Арачиново, кое станало едно од главните седишта на ОНА, албанските бунтовници се заканувале дека ќе го нападнат и Скопје, пред се парламентот и владата. Главен командант на Арачиново бил командант Хоџа или Џезаир Шаќири. На 22 јуни, македонските безбедносни сили ја започнале решителната офанзива за чистење на теренот од албанските екстремисти во селото. Следниот ден, двата борбени авиони “сухој” 25“ на македонската воена ескадрила, управувани од пилоти на АРМ, ги извршиле првите извидувачки дејства над селото. Македонските сили брзо напредувале, нанесувајќи им големи штети на албанските бунтовници. Според генералот Панде Петровски, кој командувал со арачиновската операција, АРМ располагала со околу 20.000 војници со оклопни батаљони и професионални екипажи, 54 тенка, со 120-130 минофрлачи, хеликоптери за воени дејства и доволно количество муниција за извршување на една завршна операција и целосно разбивање на ОНА. Битката траела само три дена, откако албанските бунтовници, истакнувајќи бели знамиња, дале знак дека се предаваат. Под покровителство на НАТО, било договорено да се евакуираат припадниците на ОНА, и од Арачиново да се преместат во Липково.

Така, на околу 350 бунтовници им било дозволено да го напуштат селото со своето оружје, со помош на американските трупи кои служеле во КФОР и силите на НАТО во Косово, ОБСЕ и Мисијата на Европската Унија. На македонската страна и било наредено да се повлече. Како знак на ова, истата вечер неколку илјади Македонци се собрале пред парламентот во Скопје на протести, при кое зградата била заземена а протестот се претворил во масовни немири.

По Арачиново стапил договор за прекинување на огнот со цел да започнат преговори. Но во текот на јули ОНА често го прекршувала договорот со напади врз полициските пунктови, а најголемиот напад се случил на 23 јули кога ОНА ги нападнала македонските сили во Радуша и Тетовско. При нападот во Тетовско главна цел на ОНА била терор врз македонското цивилно население, при што голем број од Македонците од тетовските села биле протерани.

Масакрот кај Карпалак

Масакрот кај Карпалак се случи на 8 август 2001 година во 9:30 часот на автопатот Скопје – Тетово откако армискиот конвој составен од пет возила и 120 резервисти влезе во заседа кај месноста Карпалак, при што биле убиени 10 припадници на резервниот состав на АРМ, а тројца се повредени во нападот што терористите на ОНА го извршиле.

Во Карпалак од самиот почеток на воената криза имаше полициски пункт, а без знаење на Министерството за одбрана истиот беше повлечен на два дена пред да се случи „Карпалак“. Повлекувањето на полицискиот пункт беше извршена со нечија наредба, причината за повлекување и кој го наредил од МВР не се познати.

Mасакар кај Љуботенски Бачила

На 10 август 2001, околу 8 часот наутро, кај месноста Љуботенски Бачила на околу 5 км од Љуботен, камион на АРМ полн со муниција налетува на две нагазни мини поставени на патот. Во експлозијата гинат 8 војници од резервниот состав на АРМ. Веднаш по нападот почнува неколкучасовна престрелка меѓу ОНА и втората чета на Третиот баталјон, од каде што се и загинатите војници. Во текот на престрелката е извршен воздушен напад врз формацијата на ОНА со хеликоптери „ми-24“ и тие се повлекуваат. Истиот ден во селото пристигнуваат полициските единици под команда на Јохан Тарчуловски, при што наредниот ден повторно започнуваат големи борби.

Потсетете се со ова видео: