Димитриеска Кочоска: Власта досега требаше да има предлог решение за поскапувањата кои доаѓаат, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандман за намалување на ДДВ-то на основните прехранбени продукти од 5% на нула

Загрижувачко е што до овој момент не слушнавме дека владата има некаков предлог и решение за новонастанатата ситуација, имајќи предвид дека има најави дека ќе растат цените и на храната и на горивата. Сериозна е состојбата и потребно е да се формира кризен штаб.  Гледаме дека Србија обезбедува важно производи, вели Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ за „Заспиј ако можеш“ на Алфа додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандман за намалување на ДДВ-то на основните прехранбени продукти од 5% на нула.

Таа истакна дека ние треба да бидеме подготвени затоа што состојбата може преку ноќ да се смени.

– Како оди ситуацијата не знам како ќе се преживува и затоа владата требаше досега да формира некаков кризен штаб кој ќе се занимава со состојбата.  Ние од ВМРО-ДПМНЕ ја анализираме состојбата со цените и најавивме дека ќе имаме предлог амандман за намалување на ДДВ на основните прехранбени продукти од 5% на нула.  Ќе доставиме и амандман за ДДВ-то на електричната енергија кое од 1 јули треба да се врати на 10%, а не е време за враќање. Ќе предложиме и намалување на акцизата на нафтените деривати чии цени растат, рече Димитриеска Кочоска. 

Таа појасни дека состојбата во Украина може да доведе до поскапување на цените затоа што Русија ја снабдува Европа со 40% од потребниот гас и ова е огромна бројка, додека пак една четвртина од житото во Европа доаѓа од Украина и Русија.

– Нашиот извоз 77% оди во ЕУ, а увозот ни е 46% кон нас. Како што има најави дека цените на гасот ќе се зголемуваат, а растат и цените на електричната енергија. Ако тоа се инпути во производството, значи дека Европа ќе има поскапо производство и тоа значи дека ќе имаме поскап увоз. Кај нас расте и ДДВ-то на увоз, што значи увозните цени растат, што значи и сега имаме пораст на цени, а дополнително ситуацијата со Украина и Русија станува загрижувачка. Ако се има предвид дека една четвртина од житото се произведува во Украина и Русија, ќе растат допрва цените, рече Димитриеска Кочоска.