На денешен ден е роден Тодор Скаловски

На денешен ден во 1909 година во Тетово е роден Тодор Скаловски, истакнат македонско композитор, хорски и симфониски диригент. Се категоризира во првата генерација македонски повоени композитори. Автор е на голем број вокални, вокалноинструментални и сценски композиции, а покрај творештвото и диригирањето се занимавал со педагошка работа и организација на музичкиот живот во современа Македонија.

Основач е, прв шеф-диригент и директор на Македонската филхармонија во 1944 година. Основач е и прв шеф-диригент и директор на МАкедонската опера, како и прв заменик главен уредник на Македонското Радио. Како долгогодишен организатор на музичкиот живот Скаловски е основач на неколку меѓународни музички фестивали во Македонија, какви што се Охрдско лето и посебно биеналниот меѓународен хорски фестивал во Тетово – ТЕХО. Член е на Македонската Академија на Науките и Уметностите од 1972 година. Добитник е на највисоката награда на некогашна С.Ф.Р. Југославија, АВНОЈ, како и највисоката награда на Република Македонија за животно дело, „11 Октомври“ и др.

Тодор Скаловски е познат по креативната употребата на фолклорни мотиви, во неговите композиции. Со употребата на хармонија, тонални и модални системи, и лиризмот тој е сличен на македонскиот композитор Трајко Прокопиев, иако во некои дела како „Македонско оро“, Скаловски користи драмски елементи кои се сметаат како музички пандан на „Тешкото“ на Блаже Конески. Тој исто така пишувал и духовна музика.

Починал на 1 јули 2004 година во Скопје.