Богдан Илиевски: „Лудачки“ размислувања

Проблематизирањето на нашиот јазик и идентитет е – ТЕРИТОРИЈАЛНО прашање

Богдан Илиевски „Бетмен велит“ со фантастичен статус во врска со веќе апсурдните барања на Бугарија. Статусот го пренесуваме во целост.

„Еве, бидејќи е комплетно луд контекстот и не постои нормална здраворазумска логика во циркузот наречен „барања на Бугарија од Македонија“, ајде да размислуваме лудачки, можеби така ќе сфатиме што лудите мислат. Па еве две тотално одлепени и надвор од умот хипотетички (и реално, за жал, реторички) прашања до политикантите кај комшиите:

1. Еве, што ако сите ние во Македонија утре се разбудиме со десеттина мозок и потпишеме документ дека македонскиот бил дијалект на бугарскиот јазик? Еве, што ако сите ние утре, речиси без мозок во черепот, решиме да истетовираме на лева подлактица „Бугарија е лулка на цивилизацијата, кралица на вселената, описменувач на пола планета“? Ќе ви порасне ли петелот? Платите? Територијата? БДП? Светско првенство во фудбал ќе освоите? Евровизија? Еднорози ќе се појават по вашите ливади? Моет ќе тече ли по реките? Формула 1 патека ли ќе се појави околу Перник? Ајфелова кула во Сандански?

2. Што ако сите ние во Македонија (се разбудиме без мозок, со комплетна пештерска шуплина меѓу ушите и) потпишеме дека сите сме по потекло Бугари, еве замислете во таква состојба и да истетовираме на десна подлактица дека сите сме биле Бугари уште пред да постојат Бугарите? И дополнително, покрај нас со помош на временска машина (во Бугарија измислена) да се појави Ајнштајн и тој да пише дека е Бугарин, па по него и Тесла и Пеле и Меси и Моцарт и… Месечината да каже дека е Бугарка, од старата бугарска песна „Зајди Зајди“? Што ќе се случи? Како тоа ќе ви помогне во животот? Ќе се роди нов Ајнштајн во Сливен само поради тоа? Ќе се роди нов Тесла во Русе само поради тоа? Вернер фон Браун од Родопите ќе направи ли нова ракета само поради тоа? Виена ќе ја вее ли тробојката и секој ден во 7 наутро најубавата балада на Азис ќе се пушта на Шварцвалд каде извира Дунав, исто така бугарска река, па сите секој ден ќе зборат колку сте најпаметни, најстари, најважни, највредни итн итн итн? Што од ова ќе ви го промени животот? Ќе се чувствувате помоќно?

Што ако добиете официјално признание од 200 земји на планетава дека сте создатели на животот во Вселената, писменоста, музиката, сликарството, технологијата… Што ќе се случи утре во Пловдив, ако ова признание дојде денес? Како ќе изгрее сонцето во Варна?

Ако ви е само до чувството на моќ, не ви треба признание од надвор за тоа како треба да се чувствувате самите вие. Чувствувајте се најдобри, најмоќни, најправедни. Оставете не раат, и ние да се чувствуваме како што сакаме, бидејќи ние од вас не бараме да се чувствувате вака-или-така.

Но, имам чувство дека не се работи само за чувство на моќ, кое е сосема сигурно дел од изискувањето. Туку проблематизирањето на нашиот јазик и идентитет е – ТЕРИТОРИЈАЛНО прашање. Нит нешто ќе се смени, нит некој позитивен потрес ќе се случи ако утре се разбудите со „светски сертификат“ дека сите сме Бугари. Пак ќе ви е иста и територијата и паметта. И платите. И чистотата на воздухот, и земјата која еден ден сите ќе не прими. Исто се умира и во Бугарија и во Македонија. Но, не дозволувате исто да се живее. Затоа „кочниците“ за иднината во ЕУ не се ништо друго туку ТЕРИТОРИЈАЛНИ прашања за Бугарија. А не е територијално прашање грдото кратко официјално име на Македонија, како што фројдовски зајавивте.

Чисто да разјасниме некои нешта. И многу ми е жал што е тоа така. Ама… некои битки не ги бираме Со штитот или на него“.

Линк до постот:

https://www.facebook.com/ilievski