На денешен ден се починати Страшо Пинџур и Мирче Ацев

Страшо Пинџур (Ваташа, 3 март 1915 – Скопје, 4 јануари 1943) — македонски комунист, учесник во НОВ. Бил прогласен за народен херој.

Мирче Ацев (Ореовец, 20 октомври 1915 – Скопје, 4 јануари 1943) — македонски комунист, учесник во НОВ. Бил член на Покраинскиот комитет на КПЈ на Македонија од 1941 година и член на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија. Бил прогласен за народен херој.

Заедно со Страшо Пинџур во септември 1942 година излегол на терен. Намерата им била да ги посетат партизанските одреди и партиските организации во Велешко и Прилепско. Сосема случајно бил уапсен на 19 декември 1942 во Велес, заедно со Страшо Пинџур. Од Велес бил пренесен во злогласниот Скопски полициски затвор.

Директни сведоштва за мачењето и убиството на Мирче Ацев, дава началникот на бугарската државна безбедност Љубомир Јорданов.

“Тој одби да даде какви и да било податоци за својата дејност, па поради тоа го тепавме за да изнудиме од него признание. На неколку наврати беше жестоко тепан по табаните. Нозете му беа ужасно отечени… Се чудев како може да поднесува толкаво тепање без збор да каже. Тој беше затвореник кој беше најмногу мачен, а се покажа најцврст. Едвај одеше и ми рече дека повеќе ништо не чувствува во нозете, бидејќи му беа претепани. За сето време додека беше тепан не викаше, не испушташе ниту еден збор. Околу 6 часот приквечер јас, Христо Стоилов и Васил Цанков седевме во кабинетот на Цанков. Токму во тоа време дојде агентот Крум Панков и му се обрати на Цанков со следниве зборови:

“Господине началник, Мирче Ацев е во многу тешка положба, умира.” Тогаш Цанков рече: “Добро, појди таму”.

Бидејќи Крум Панков излезе, Цанков ми рече: “Кажи му на Симеонов (директор на Обласната полиција) дека сам се убил. Тоа и го сторивме”.

Истиот тој Љубомир Јорданов, вака го опишува мачењето и на Страшо Пинџур.

“Пинџур, освен што го кажа своето име, не сакаше ништо друго да каже. Поради тоа го тепавме. Го тепавме јас, Тенјо Рајков, Илија Николов, Андон Донев,Тодор Маринов… Го тепавме со гумена палка по табаните и по целото тело, кој каде можеше, удирајќи го со клоци по грбот и стомакот, а два-три пати сме му ги ставале нозете во вода и потоа продолжувавме со тепањето. Два дена беше непрекинато тепан. Во мноrу тешка состојба беше вратен во ќелијата. Другиот ден попладне го испратив Тодор Маринов да го повика на сослушување. Тие се вратија и рекоа дека Пинџур умрел во ќелијата. Штом го рекоа тоа, отидов во ќелијата да го видам. Го најдов како лежи во пена што му избиваше од устата”.

Слава им! Толку од заедничката историја со соседна Бугарија!