И по смртта – живот!

Струмичката петорка се однесува на струмичаните Мирко Пецев, Ѓорѓи Јармов, Борис Белев, Ѓорѓи Костуранов и Стево Точев, на возраст од 18 до 23 години, кои на 13 август 1951 година биле убиени на планината Беласица од страна на комунистичките власти во Стрмица. Тие биле студенти во Белград, Скопје и Загреб, а биле убиени под образложение дека сакале нелегално да пребегаат во Грција.

Струмичани со децении го отфрлаат ова толкување и тврдат дека студентите биле киднапирани и убиени од локалните безбедносни служби затоа што биле политички неистомисленици и блиски до идеалите на ВМРО.

На 11.08.1951 година, од игранка во Струмица, киднапирани се младите студенти и како трофеј носени по темните струмички улици се до седиштето на ОЗНА (УДБА). Таму, по наредба на судијката Мара Минанова, секретар на градскиот комитет на КПМ и Ристо Пиличев, извршен секретар на овој комитет, се однесени на планината Беласица, кај село Дорломбос каде зверски се измачувани. Несватлива е крвожедноста на новите македонски мачители и желбата крвнички да измачуваат пет млади луѓе, свои сограѓани. На жешкото августовско сонце, цел ден ѕверски се тепани и крвнички мачени. Историјата повторно сакала токму на Беласица да бидат масакрирани, како некогаш Самоиловите војници. Беспомошни, како на млади јагниња пред крволочни ѕверови биле нивните погледи. Тепајќи ги, крвниците со секој удар на стап извикувале:„Еве ви за Гоце“, „Еве ви за Јане, за Даме…“, „Еве ви за Ченто“….„сакате независна Македонија, еве ви за Македонија“…

На крај, кога веќе нивните млади тела попуштале пред налетот на стаповите на своите џелати, бидат убиени со по два истрели, еден во чело и еден во срце, како џелатите да сакале да бидат сигурни дека нема повеќе да бидат живи и да го продолжат револуционерното дело, како џелатите да сакале да бидат сугурни дека со истрелот во срце засекогаш ќе им ја убијат љубовта кон ВМРО и Македонија.

На убиените студенти им бил подигнат убав споменик од бел мермер во вид отворена книга, на кој стоело дека се убиени. Но, и тоа им пречело на властите и по неколку години Васе Туџаров и Ванчо Фончев вршеле притисок кај семејствата да го разурнат, со закани за репресии над семејствата, дури со сквернавењена гробовите и расфрлање на коските. Како резултат на тоа, подигнат е нов споменик, кој нема да им пречи на властите ни по својата убавина, ниту по напишаната содржина. Стариот споменик, во парчиња стои како доказ за ваквиот вандализам.