Битката кај Слива на 12.08.1903 – битка за одбрана на Крушевската република

Битката кај Слива е една од борбите со која илинденските востаници ја бранеле Крушевската Република. Тоа е битка со која педесетина востаници, предводени од војводите Ѓорѓи Стојанов и Диме Смугрев, на 12 август 1903 година речиси до последен човек ја извршувале наредбата што подолго да го запрат налетот на турската војска.

Најголемиот дел од нив биле речиси деца, со неполни 16-17 години, кои доброволно им се приклучиле на востаничките одреди, иако претходно никогаш не држеле пушки в раце.

Тие прво пристапиле во доброволечкиот одред со кој командувал Тодор Христов – Офицерчето, а подоцна влегле во составот на единицата на Стојанов. Благодарение на жртвата на 32 загинати востаници, од Крушево се повлекла главнината на востаничките сили и на цивилното население.

Со оглед на саможртвата, стратегиското значење и последиците, ова битка е на исто ниво како и битката кај Мечкин Камен.

Главниот штаб на крушевските востаници решил да ја испрати оваа чета на Слива откако било проценето дека од тоа место најдобро ќе може да се запре дваесетилјадната турска војска која тргнала да го задуши Илинденското востание.

Кон Крушево се упатиле 3.080 добро вооружени турски војници, кои требало да бидат запрени. Востаниците цело време пукале само од пушки. Кога им снемувало куршуми, ги земале од своите загинати соборци. Турците им се доближувале и до десетина метри, гласно ги предизвикувале да дојдат да се борат на нож, гради в гради. Забележано е дека меѓу борците имало и една девојка по име Злата, која таму дошла за да не го остави сам својот свршеник. Дури откако останале со по еден куршум, решиле да се самоубијат за живи да не им паднат в раце на турските војници.

На повикот Предајте се, востаниците одговарале со оган. И кога многубројната турска војска ги обиколила последните востаници и навлегла во нивните ровови, тие не се предавале – последната нивна стрелба била управена кон сопствените глави. Турските офицери, изненадени од херојството и саможртвата на овие јунаци, наредиле војската што минала покрај нивните трупови – со истрели во воздух да им оддаде почит. Во Битката кај Слива било запленето и едно од црешовите топчиња што сега се наоѓа во воениот музеј во Истанбул.