Целта без план е само желба

“A goal without a plan is just a wish” – Antoine Saint-Exupéry
Целта без план е само желба – така на кратко гласи пораката на поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски кон сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ во неодамнешното интервју на КАНАЛ 5.
Едночасовниот разговор со Попоски беше одлично освежување и потсетување како треба да изгледа профилот на интелектуалец со манири на господин во политиката на кого може да му се довери водење на држава. Очигледно е неговото еволуирање како личност, дополнително и на деловно-образовен план согласно фактот дека не губел време и во Германија докторира на темата – Искористување на европски фондови. Да потсетиме, најголемата потенцијална опиплива добивка од ЕУ за Македонија се фондовите, а тука веќе сме се докажале, во негативна смисла.
Навистина, извесно време го немаме видено Попоски на домашната политичка сцена што во најголем дел се должи на одлуката на сегашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да не му даде доверба во Извршниот или пак Централниот комитет, уште помалку како советник во својот кабинет…или пак било што друго во структурата на партијата. Земајќи го предвид искуството и меѓународните контакти кои Поповски го ставаат меѓу најпочитуваните македонски дипломати во последната деценија, ваквиот потег на негово изолирање од партијата може да се толкува како дел од мерките на предострожност со маргинализација на оние кои се “опасни” по жешкото столче на првиот човек на партијата.
Пред се, за прв пат Попоски најави дека доколку се организира легитимен конгрес на партијата тој веројатно ќе се кандидира за претседател.
Тој не гледа дека е сјајна идејата на т.н. Иницијативен одбор за вонреден конгрес со претходните делегати надвор од партиските структури, кој би се движел кон судска разрешница и дополнителен раскол кој впрочем веќе е во подем, исто како и безобѕирното “свиркање и гледање на страна” од страна на Мицкоски, кој во повеќе наврати истакна дека при евентуален неуспех на минатите парламентарни избори ќе се повлече од претседателското место на ВМРО-ДПМНЕ. Останува да видиме дали страните ќе најдат заеднички јазик или пак ќе тераат по свое, ќе се борат за сопствената кожа или пак ќе надвладее разумот и потребата од функционалност. Во таа насока, давајќи предлог членството да ги избира функционерите дури и од најнизок ранг на месни комитети, Попоски веројатно алудира и на нов начин на избор на претседател на партијата со гласање на членството, како најнепосреден начин на избор со што членовите ќе имаат можност да се почувствуваат вредни, слушнати и почитувани. Авторите на малициозните коментари за изборот на Попоски за министер во претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ би требало да знаат дека тоа е во рамки на влада како коалициски договор, наспроти избирање на внатрепартиски позиции за кое сега станува збор. Во секој случај, таа лекција ќе можат да ја следат “во живо” следната година кога СДСМ за прв пат ќе избира претседател со гласање на членството.
Во однос на правецот на политиките и активностите кои ги води актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, Попоски вели дека не гледа крајна цел, ниту стратегија, ниту некаков план. Во најголем дел е во право – веројатно Мицкоски има желба за крајна цел да победи на избори, меѓутоа активностите од типот “протести за струја” и “со кола во колона” на месец дена после изгубени парламентарни избори не носат додадена вредност. Наместо внатрепартиска дебата и анализа на резултатите со цел градење на тим и победничка стратегија, виновникот е пронајден во противникот (а што друго би се очекувало од СДСМ???) и недоволната покриеност на терен од страна на општинските комитети. Органите на партијата навидум се променети, 2 третини од функционерите на локално ниво се потврдени со нов мандат, а за “неподобните” е распишан конкурс за избор, додека за верните се воспоставени нови функции како координатори и “шефови на сали и кафичи”. Како што вели Пандов во својот статус на ФБ од 16 февруари минатата година каде го прозива Мицкоски, тоа требаше да се случува барем една година или повеќе кога во државата се одлучуваше еднострано од страна на власта за суштински прашања. Сегашното прегрупирање во ист или сличен состав и амнестирањето на претседателот од одговорност, со сегашните депласирани активности личи на подготвување со време за евентуален предвремен конгрес на партијата и “бетонирање” на делегатите за истиот.
Договорите кои минатата влада експресно ги потпиша и неуспешниот референдум ги гледа како производ на самостојно работење на минатата влада без вклучување на опозицијата и конструктивна дебата со крајна цел носење на национален консензус по одредени прашања.. Покрај неуспешниот референдум, кој беше консултативен по веќе завршена работа и потпишан меѓународен договор, потписниците на истиот бараат поделба на одговорноста, одбивајќи да признаат дека комплетната одговорност за сегашната политичка реалност е на нивен грб. На таа реалност Попоски укажува дека патот на Македонија треба да биде позитивистички во смисол на градење пријателства и соработка, како продуктивен и ефикасен пат кон конечното европско интегрирање, барајќи сојузници, наместо конфронтирање со соседите и вадење на “прљав веш” за дневно политички поени. Тоа не би значело ишијас од виткање кичма, ниту пак прифаќање на се што е на маса и се коси со нашите определби и идентитет, напротив. Хартијата трпи се, а ние не го забораваме референдумот и повеќе пати прекршената процедура на потпишување на државни меѓународни договори, би бил одговорот на толку често поставувано прашање од страна на новинарите кон секој член на ВМРО-ДПМНЕ дали ке го поништите или ќе го почитувате потпишаното, прашање на кое секој одговор носи поени на контото на СДСМ.
Попоски изгледаше прилично самоуверено, со одговори и ставови за кои се гледа дека се апсолвирани, меѓутоа не чувме кој е неговиот концепт со кој би го вратил ВМРО-ДПМНЕ во позиција на власт. Можеби во некое негово следно појавување или пак во неговата кампања како кандидат за претседател на партијата. Во секој случај, позитивно е што вакви ликови со габарит се враќаат на сцената vis-à-vis дефицитот и одливот на квалитетни кадри од различни бранши.
Авторот и е познат на редакцијата.