Вечер завршува 23. Скопје филм фестивал

Во летното кино на Кинотеката, вечер, годинашната програма на 23-тото издание на Скопје филм фестивал ја затвораат британскиот филм „Фани Лај“ (2019) и култното ремек дело на Фелини „Осум и пол“ (1963).

– „Фани Лај“ е третиот филм на сценаристот и режисер Томас Клеј, создаван десет години и снимен на 35 мм лента, е импресивен и моќен пример на независниот британски филм што ги изместува жанровите. Радикален и субверзивен при истражувањето на еден од најтурбулентните британски периоди тој создава впечатлив, феминистички „пуритански вестерн“, фасцинантна и брутална, мрачно-смешна и необично хипнотична приказна од еден каллив период на Англија, посветувајќи исклучително внимание на историските детали. Проекцијата почнува од 19 часот во летното кино на Кинотека, соопштија организаторите.

Филмот „Осум и пол“, додаваат, има автобиографска нишка, а насловот го добил затоа што Фелини дотогаш имал снимено седум и пол филмови: шест долгометражни, два кратки и еден во соработка со Алберто Латуада.

– Пред почетокот на снимањето Фелини, како и протагонистот во самиот филм, немал конечно сценарио. Во 1964 филмот имаше пет номинации за „Оскар“, а ги доби наградите за најдобар странски филм и костимографија. „Осум и пол“ се смета за еден од најважните филмови на Фелини, но и на светската кинематографија воопшто, се вели во соопштението.

Оваа година Скопје филм фестивал првпат во своето постоење се одржа на отворено, програмата беше посетена од максимален број публика, а беа прикажани повеќе од 20 играни и документарни филмови.

– Скопје филм фестивал изразува благодарност до Кинотека на Северна Македонија, Агенцијата за филм, Фондацијата „Славко Јаневски“, Зоран Кардула, Кралството Холандија и најмногу до нашата верна публика со која ќе се видиме и следната година, наведуваат организаторите.

Со промоција на нови изданија и проекција на филмот „Давид, Голијат и петел“ вчера Скопје филм фестивал ја одбележа стогодишнината од раѓањето на Славко Јаневски. Оваа програма се реализира заедно со Кинотеката на Северна Македонија и во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

Ѕвездан Георгиевски претставил четири книги што ги објави Фондацијата. Тоа се три книги филмски сценарија: „Македонскиот дел од пеколот“, „Јазол“ (настанат по романот „Две Марии“) и „Деветтиот надгробник“, досега непознато сценарио што било пронајдено во неговата оставнина.

– Според нашите информации станува збор за проект што наводно требало да го работи Лордан Зафрановиќ, ама ете никако да му се посреќи да работи во Македонија. Го реобјавивме и романот „Тврдоглави“. Тоа е првиот објавен роман од серијалот романи за Кукулино, кој претставува зачеток на македонскиот, па и европскиот магичен реализам. Имено, „Сто години самотија“ се појавува во Мексико 1967 година, за првпат е преведен во САД и Велика Британија 1970 и тогаш магичниот реализам станува светски мега хит. „Тврдоглави“ со класичен манир на магичниот реализам се појавува во 1969 година“, рече Георгиевски

За филмското творештво на Славко Јаневски (режисер е на пет кратки филмови и сценарист и косценарист, соработник на сценарио на десетина играни филмови) Георгиевски рече дека Славко Јаневски е можеби единствениот, а во секој случај еден од ретките што има добиено две Златни арени за сценарио на филмскиот фестивал во Пула (за „Волча ноќ“ и „Македонскиот дел од пеколот“).

– Потоа, публиката на Скопскиот филмски фестивал имаше ретка можност да го види краткометражниот филм на Јаневски, се вели во соопштението. (МИА)