Монструозно убиство во Гостивар – Со секира и нож си ја убил сопругата

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар, во координација со екипа на крим техника од Министерството за внатрешни работи, изврши увид на местото каде утринава е пронајдено тело на жена лишена од живот.

Настанот бил пријавен утринава околу 7 часот од син на жртвата, гостиварка на возраст од 60 години. Осомничен за стореното кривично дело е нејзиниот сопруг, 67-годишен жител на Гостивар, со кого жртвата подолго време имала нарушени односи.  Според првичните сознанија на обвинителството, осомничениот ја нападнал оштетената, па со употреба на секира и нож ѝ нанел повеќе убодни рани по телото.

Јавниот обвинител издаде наредби за обезбедување и прибирање на траги од лице место, кои ќе бидат предмет на натамошно вештачење. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатата.

Осомничениот по извршеното кривично дело се дал во бегство и во моментов е недостапен на органите на прогонот.​