Во време на 40 илјади невработени директорот на СДСМ поделил милион евра плати

Томислав Тунтев лани во својата прва година како директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство поделил милион евра, односно 60,8 милиони денари за нето-плати на 68 вработени, пишува во отчетот што ова регулаторно тело го достави на одобрување во македонското Собрание, објавува Фактор.

Сега просечна плата на вработените кај поранешниот пратеник е 75.000 денари, без придонеси, персонален данок и други давачки, односно го задржува трендот секоја година да расте за околу две и пол илјади денари повеќе во агенцијата која се самофинансира од дозволи и надоместоци од воздухопловните оператори.

Томислав Тунтев ја напушти пратеничката функција на почетокот од минатата година за да директорува со Агенцијата за цивилна и воздушна пловидба. До пред три години платата таму беше во просек 65.553 а бројот на вработени варира од 67 до 69. Бруто-платата со сите надоместоци сега е преку 100.000 денари.

Според надлежностите иако оваа aгенција е финансиски и функционално независна од другите државни органи, за својата работа сепак одговaра пред Собранието. Од наплата годишно собира од три до четири милиони евра.

Години наназад АЦВ имаше пад на приходите во низа, а пред десетина години имаше проблеми и како должник на УЈП. Регулаторот во последните неколку години работи со добивка, а минатата приходите во однос на расходите биле за 19 милиони денари поголеми.