ВМРО-ДПМНЕ – Власта од Македонија направи единствена држава која нема концепт кога и како ќе почне учебната година

На денешната собраниска седница за гласање на владата се обрати пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска која изјави дека единствена реформа во безбедносните служби е само променетото име на УБК во АНБ.

– Не е мрднато ништо на тој план, АНБ, се наоѓа се уште во просториите на МВР, никој не контролира, никој не знае што работи таа институција. Правда нема, а тие кои протестираа велат дека има мир затоа што се на функции, истакна Ласовска.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова изјави дека во Македонија нема правда, а правосудните органи се селективни, нема разрешница за поткупот во Струмица ниту за гласањето за 3 секунди.

– Ветивте дека јавниот обвинител ќе биде на предлог на опозицијата, нека биде и независен, но нека не седи по кафеани со адвокати блиски на власта. Со ваков селективен пристап на судот и обвинителството ќе останеме хибриден режим, не смее тие да бидат алатка за борба со неистомислениците, рече Панова.

Пратеникот, Антонијо Милошоски рече дека власта од Македонија направи единствена држава која се уште нема концепт кога и како ќе почне учебната година.

– Не знаат дали ќе почнат од 1 октомври или покасно, дали онлајн или комбинирано. Тендерите не застанаа, но застанаа одлуките кои министерството за образование требаше да ги донесе. Ова е мандат на неуспех во образованието. Донесовте загриженост кај родителите.  Вие како влада 4 месеци не успеавте да направите концепт како нашите деца и кога ќе ја продолжат учебната година, а земјите соседството и Европа имаат алтернативи кои ги понудија, нагласи Милошоски.

Јован Јаулески пратеник на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека денес образованието е на дното, без концепт и визија.

Во последниве три години рангирањето на УКИМ се наоѓа на 1917 место од вкупно 2000 рангирани универзитети. Законот за високо образование остана празно слово на хартија, а престижниот Економист не стави на 8 место во светот по одлив на мозоци.