Игротеки, установи за едукација, објекти за веселби бараат итно донесување протоколи и финансиска помош

Игротеките, приватните установи за едукација и грижа на деца, објектите за свадби, родендени, крштевки, како и други семејни веселби, кои се затворени со владина Уредба поради Ковид-19 и веќе шести месец не остваруваат никаков приход, очекуваат новата Влада итно да го реши нивниот финансиски проблем, во спротивно најавуваат протест.

-Станува збор за над 1 000 субјекти, кои се пред пропаѓање и во исклучително тешка состојба. Претпријатијата од овие дејности бараат итно протоколи за почеток со работа или доколку се одлучи принудно да останат затворени, да се донесат мерки за финансиска поддршка со кои ќе ја преживеат кризата. Овие сектори се принудно затворени, немаат никакви приходи и иако се уште им се генерираат трошоци за плати, наемнини и режиски трошоци за нив веќе со месеци нема никаква финансиска поддршка, потенцираат од Сојуз на стопански комори на Мак­­едонија.

Оттаму истакнуваат дека во континуитет се доставувани писмени барања со издржани предлози до надлежните институции, како и протоколи за работа согласно оние од земјите во регионот и пошироко, каде на овие дејности уште пред неколку месеци им е овозможено да работат.

Доколку се утврди дека нема можност за извршување на дејноста, економските оператори бараат да се донесе економски пакет од шест мерки за финансиска помош за опстанок.

Тие шест мерки се: субвенции за плати за сите досегашни и идни месеци додека се принудно затворени од институциите, во износ на минималната бруто плата; одложување од обврските за плаќање кон претпријатијата кои вршат комунални дејности до крајот на годината; како и ослободување од обврските за аконтативно односно однапред плаќање на данок на добивка и персонален данок на доход. Потоа, како четврто барање е наведено ослободување од плаќање на данок на имот спрема општините и Градот Скопје за месеците за кои принудно не вршат дејност; петто-мораториум со репрограм за кредитните обврски спрема банките до крајот на годината и еднократна парична помош за сите објекти врз основа на претходно определени критериуми и параметри засновани на годишни приходи и платените даноци во изминатите години.

-Со формирање на новата Влада, претпријатијата од овие дејности очекуваат во најкраток можен рок да се реши моменталната состојба, во спротивно својот револт ќе го истакнат на протест. Да се затворат принудно со месеци без услови со кои ќе можат да ја преживеат кризата е нечовечки и помош или деблокада се единствениот излез, велат од Сојуз на стопански комори на Мак­­едонија. (MИА)