Македонците ги чека богата награда во Тирана ако ја поминат Ц. Звезда!

Двајцата доскорешни првотимци на најтрофејниот македонски клуб Вардар, Кристијан Тошевски и Филип Најдовски, кои месецов ја засилија албанска Тирана и обезбедија второ коло во квалификациите во Лигата на шампионите ги очекува богата награда од газдата на клубот ако во идната недела успеат да ја поминат белградска Црвена Звезда, бившиот европски првак од 1991 година.

Тошевски и Најдовски беа стартери и го одиграа целиот меч во Тбилиси против Динамо (2-0) за пласман во второто коло, за што заедно со соиграчите добиле премија од газдата Рефик Халили од 100.000 долари, но уште побогата е наградата ако успеат да ги поминат – црвено-белите.

Според информации на албанските медиуми, најмалку 200.000 „зелени бакнкоти“ ги чека фудбалерите на Тирана како награда за пласман во третото коло од квалификациите.

„Пред мечот со Динамо Тбилиси наградата беше 100.000 долари, а сега против Ц. Звезда се очекува да е најмалку двојно поголема. Газдата Халили нема да жали пари како дополнителна мотивација за да се помине белградскиот клуб“, вели новинарот од Албанија, Коста Грило.

Тошевски и Најдоски го напуштија Вардар поради хаосот и беспарицата кај црвено-црните, кои со наталожени долгови едвај скрпија тим за новата сезона, притоа останувајќи без две третини од ланската екипа која доминираше во македонската елита, а клубот втора година поради финансиските проблеми не доби лиценца за да игра во Европа.

Тирана ако успее да ја помине Ц. Звезда ќе дојде на чекор до пласман во групна фаза, зашто третото коло во квалификациите за ЛШ, автоматски носи при елиминација плејоф во Лига Европа. Во случај да го минат и третото коло, албанските шампиони сигурно ќе имаат најмалку пласман во групи во Лига Европа, а ќе се борат за пласман во ЛШ и многу милиони во касата.

Дуелот на Тирана и Црвена Звезда е посебно во фокус поради затегнатите односи на Албанија и Србија. Мечот поради пандемијата со коронавирус ќе се игра без гледачи на модерниот „Ер Албанија“.