Манастирот „Успение на пресвета Богородица“ во Матка се подготвува за празникот согласно мерките за заштита од Ковид-19

На 28 август православните христијани го одбележуваат празникот Успение на пресвета Богородица, еден од најголемите празници посветен на Мајката Божја. Верниците веќе се подготвуваат за овој празник практикувајќи ги богородичните пости. Интензивни подготовки има во манастирите и црквите на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија посветени на упокојувањето на Богородица, но годинава одбележувањето ќе се одржува согласно препораките на властите за заштита од Ковид-19.

Скопјани традиционално на овој ден го посетуваат манастирот посветен на Успение на пресвета Богородица во Матка, каде оваа година одбележувањето ќе биде во согласност со превентивните мерки за заштита од коронавирусот пропишани од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

Прославата по повод празникот ќе се одржи на 27 и на 28 август на дворот на манастирот. Со оглед на законските правила и услови донесени од страна на Комисијата за заразни болести, нема да има служење на храна и пијалаци. Предвидена е и надворешна продавница со манастирски производи и сувенири. На денот на празникот во дворот ќе има поставено и маса за осветување на славски колачи.

– Годинава чествувањето на празникот Успение на Пресвета Богородица ќе го одбележиме согласно препораките за заштита од Ковид-19. Вообичаените служби ќе се одржат на отворено во манастирскиот двор со ограничен број на луѓе, а во другиот дел од деновите 27 и 28 август верниците слободно ќе можат да запалат свеќи и други славски треби без непотребно задржување во дворот, секако почитувајќи го потребното растојание и носењето на маски. Согласно препораките, оваа година нема да се служи храна и пијалоци и нема да се одржи културно-забавната програма. Ги молиме верниците за разбирање и за почитување на мерките за Ковид-19 се со цел заштита на сопственото и здравјето на ближните, за што се залага и нашата црква, изјави за МИА, игуманијата на манастирот сестра Перпетуа.

Од 15 часот на 27 август во манастирот ќе има задолжителна редарска служба. Во 17 часот ќе започне едночасовна вечерна богослужба во дворот на манастирот, на отворено, а сите присутни ќе мора да стојат на растојание. После вечерната служба ќе продолжи посетата на храмот според превентивните мерки.

На денот на празникот, на 28 август во 2 часот предвидено е да започне бдение кое ќе заврши со Божествена литургија, со која ќе чиноначалствува поглаварот на МПЦ – ОА г.г. Стефан. Во дворот на манастирот ќе се одржи и традиционална крводарителска акција.

Во манастирот ќе се влегува на предната врата, а од таму ќе се излегува на задниот влез. Секој посетител за да влезе ќе мора задолжително да носи маска. Исто така на влезот ќе се мери температура. Верниците и посетителите ќе мора да внимаваат и да одржуваат дистанца од 1,5 метар. Местата за стоење и за правец на движење во манастирот ќе бидат одбележани. На влезот и за време на задржување во манастирот е задолжителна дезинфекија на рацете, како за посетителите така и за оние што ќе бидат задолжени за организацијата на настанот.