Петкоски: Таткото и синот Костовски неосновано ме обвинуваат, знаеја за се што се случува во Еуростандард

Поранешниот претседател на Управниот одбор на Еуростандард банка Николче Петкоски кого Трифун Костовски јавно го обвини за пропаѓање на банката тврди дека е неосновано обвинет бидејќи во Надзорниот и Кредитниот одбор на банката биле Трифун Костовски и неговиот син Коста Костовски кои биле целосно информирани за сите одлуки на раководството на банката. Тој бара и јавно извинување за изречените невистини од страна на таткото и синот Костовски или ќе се обрати до соодветните институции за заштита на неговите права и углед.

Според него, наместо обвинувања, акционерите треба сериозно да се преиспитаат колкава е нивната вина за пропаѓањето на банката. Не заради тоа што претходниот менаџмент погрешно го одбрале. Напротив. Како акционери биле должни и морале да знаат што значи да се биде доминантен акционер и сопственик на банка и како треба да ги следат насоките од надлежните институции, во случајов НБРСМ.

– Во однос на обвинувањата за лошо раководење, штети и слично предизвикани од претходното раководство забораваат дека тие биле дел од раководството на клучни функции на банката, биле целосно инволвирани во дневните операции на банката и целосно биле запознаени со состојбите и случувањата во банката и ниедна поголема и побитна одлука во работењето на банката не беше донесена без знаење на некој од нив. Затоа обвинувањата за давање кредити на ново регистрирани фирми, одлевање на средства без трага, за плаќање на фиктивни фактури и сл., се во најмала рака смешни. Постои Централен регистер, кредитен регистер, досиеја во банката. Па може лесно да се провери која компанија кога е формирана, од кого, колку долго работи, кога и колку кредитно се задолжила – вели Петкоски.

Тој вели дека од неговото доаѓање во 2009 година до заминувањето од Банката на 01.10.2019 година Банката забележала драстичен раст.

– До 2019 – банката се стекна со имот – деловната зграда во која беше сместена Централата на банката. Групацијата во сопственост на семејството Костовски се стекна (дел директно дел индиректно преку банката) со две деловни згради со над 8,000 m2 во строгиот центар на Скопје. Банката стана најголем акционер во Македонска берза на хартии од вредност АД Скопје и Централен депозитар на хартии од вредност АД Скопје – вели тој.

Петковски тврди дека растот на банката бил следен со соодветен раст на капиталот.

– Она што беше обезбедено како дополнителен капитал од страна на акционерите беа само 1,5 милиони евра постоечки депозити во банката на нивни компании кои подоцна беа претворени во капитал. Преостанатите докапитализации во најголема мера беа обезбедувани од моја страна и пласирани преку компаниите на акционерите, иако тоа не е дел од обврските на претседател на Управниот одбор – тврди Петкоски.

Тој додава дека иако до 29.11.2019 година бил формално претседател на Управниот одбор на банката, му било оневозможено да имам било каков увид во работењето на банката, а од 14.03.2020 година не е веќе вработен во банката.

– Со оглед на сѐ барам јавно извинување за изречените невистини, дезинформации и неосновани обвинувања со коишто се прави обид за моја дискредитација и како личност и како професионалец со повеќе од 25 годишно искуство во банкарството. Во спротивно, ќе бидам приморан да си го заштитам личниот углед и да барам заштита на своите права пред надлежни институции – вели Петковски.