Ни срам, ни перде – Општина Аеродром нема слух за маката на родителите, Марин си го чува буџетот за лични приоритети

Градинките на територија на цела Република Македонија се затворени веќе пет месеци. Дечињата не ги посетуваат предучилишните установи, објектите се затворени, никој не доставува храна, не се трошат струја и вода…. А сметки секој месец пристигнуваат кај родителите.

КУРИР пишуваше за овој проблем уште пред два месеци, а исто толку време до нашата редакција пристигнуваат поплаки од родителите.

Најголем дел од поплаките кои ги добивме беа од родители на дечиња кои ги посетувале градинките во општина Аеродром. Веќе втор пат во два месеци се испраќаат прашања до општината, но од таму решија да ги игнорираат маките со кои се соочуваат родителите.

Првото прашање им е испратено на 10-ти јуни. Речиси два месеци не најдоа време да вратат барем една реченица иако во општината функционираат цели сектори кои треба да работат на ваква проблематика и кои земаат плати од џебот на граѓаните.

Во текот на вчерашниот ден, КУРИР испрати уште еднаш прашање до општината и тоа не само до ПР-секторот туку и до други сектори. Ниту еден не најде време да си ја заврши својата работа, барем една реченица да состави и да им објасни на родителите зошто општината не собра сила и доблест да ги растерети од овие трошоци граѓаните.

Револтот кај родителите кои ја контактираа редакцијата на КУРИР е голем. Велат дека во време на епидемија е намален семејниот буџет и сите минуваат низ тежок период. Не им е јасно за што покриваат трошоци и зошто сметките во целост стигнуваат само во неколку скопски општини. Токму затоа во прашањето кое вчера го испративме во општина Аеродром наведовме дека кризата повеќе ја почувствуваа граѓаните и домаќинствата отколку буџетот на општината. Но, очигледно градоначалникот на Аеродром, Златко Марин од СДСМ, си го чува буџетот за лични приоритети.

Во овој текст ви пренесуваме само мал дел од поплаките кои ги добивме изминатиов период од родители на дечиња запишани во градинки во Аеродром.

-Почитувани новинари, ве молиме за помош. Четири сметки ни испраќаат од градинките додека се под клуч, додека седиме дома и не заработуваме ни јас ни сопругата. Други општини ги ослободија родителите, Аеродром си праќа сметки и не им е гајле како ние ќе ги платиме. Ве молиме прашајте дали може да се очекува дека ќе донесат таква одлука или да го отпишам детето.

-Какво е ова срамно однесување на Марин? Бараме средба повеќе родители на деца кои се запишани во градинка, а пет месеци седат дома. Не сака да се види со нас оти знае дека ќе бараме да бидеме ослободени од плаќање на градинка. Негователката ни испраќа сметки, а кога прашуваме за што треба да платиме, таа вели така ми е кажано, само пренесувам јас. Ние сме оставени на милост да чекаме да се сети Марин дека ветуваше дека ќе се грижи за дечињата. Еве му ја гледаме грижата! За што ги троши парите? Ако го испразнил буџетот нека каже, па да видиме што направил и каде се парите ако веќе нема за градинките. Ние ли треба да го полниме буџетот? На затворени градинки?

-Имам две дечиња и голем проблем. Јас сум од Лисиче населбата и двете деца ми одат во градинката Снежана, објект Пчелка 1. Сметките за март си ги платив, нормално, бидејќи повеќе од пшоловина месец ги носев дечињата. Од април месец до еве го август, секој месец ни велат да платиме сума од 521 денар месечно. Тоа се 5 месеци, за двете дечиња треба да платам 5.210 денари. Сопругата остана дома бидејќи од работа не ја ослободуваа да ги чува децата, па мораше да си даде отказ. Нели им е срам вака да ни прават? Ве молам ако знаете дали Аеродром ќе ги ослободи родителите од надоместок да ме информирате.

-Ќе платам кога ќе почне детето во септември, но само ако ми кажат за што плаќам! Храна не спремаат, струја не трошат, вработените не одат на работа, седат дома 5 месеци и си земаат плата. Јас работам од утро до вечер, децата ги носам кај бабите на чување затоа што немам друг избор. И јас да плаќам-за што?

Од сведоштвата кои ги добивме јасно се заклучува дека родителите навистина имаат мака. Од игнорантскиот однос на Златко Марин, пак, се заклучува дека градоначалникот нема слух за овие проблеми.

ВМРО-ДПМНЕ побара ослободување на родителите од трошокот, Марин одби!

Градоначалникот на Аеродром, Златко Марин, одбива да се ослободат родителите од плаќање  паушали за градинки во време кога тие не работат, обвини советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром пред една недела.

„Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром поднесе предлог за дополнување на предлог на дневниот ред со точка за ослободување на месечните паушали на родителите за градинките на територија на Општина Аеродром со образложение дека истите не работат и нема потреба родителите да се изложуваат на дополнителни финансиски трошоци.

Наместо да се заштити стандардот на граѓаните, Златко Марин сака да печали во услови на корона-кризата од родителите кои не користат услуга од градинките во Аеродром.
Ивана Цветковиќ како претседател на Совет спротивно на овластувањата и деловникот за работа одбива да се стави оваа точка на дневен ред со што заедно со Златко Марин директно работат на штета на граѓаните на Аеродром“, велат советниците од ВМРО-ДПМНЕ.

Истата Ивана Цветковиќ, додаваат тие, заедно со нејзината сестра за време на владеењето на СДСМ и Заев добија вработување во државната МЕПСО. Токму затоа таа е послушник на штетните насоки на градоначалникот Марин.

„Поради ваквото самоволие на градоначалникот Златко Марин, пред сè поради непостапувањето на претседателката на Советот Ивана Цветковиќ, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе претставка до Инспекторатот за локална самоуправа“, се вели во писменото соопштение.

Родители кои ја контактираа нашата редакција велат дека се спремни и на протест од септември. До тогаш, се надеваме дека Марин ќе сфати за што зема висока плата и дека пртиоритетите на граѓаните мора да научи да ги става пред своите приоритети.

  • Извор Курир