Една милијарда евра дупка во буџетот – Наместо за проекти, отидоа ли парите за предизборен поткуп?

Без проекти, капитални инвестиции, а една милијарда евра дупка во државната каса. Владата во второто тримесечје го зголеми јавниот долг за една милијарда евра. Согласно податоците кои вчера ги објави Министерството за финансии заклучно вториот квартал од 2020 јавниот долг изнесува 59,5%, додека државниот долг 50,7%.

Државниот долг заклучно второто тримесечје е 50,7% од БДП, што споредено со претходното тримесечје повеќе за 8,9 процентни поени.

Огромното задолжување на државата наместо за проекти за граѓаните, се искористи за предизборен поткуп, за што обвинуваа и од ВМРО-ДПМНЕ.

Издавањето на домашните платежни картички, ваучерите за туризам за ВМРО-ДПМНЕ, но и за голем број аналитичари беше ништо друго освен предизборен поткуп.

Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешенел кон средината на јуни истакна дека тенка е линијата меѓу помош за граѓаните и предизборен поткуп, а во случајот со платежните картички.

Тасева смета дека пакетот мерки се повеќе личи на популизам кој има за крајна цел добивање гласови на избори. Во тогашната изјава таа посочи дека исплатите не треба да продолжат и по 24-ти јуни кога почнува предизборната кампања.

-Неможат исплаќањата на овие картички да се вршат во време на изборна кампања, ниту во време на избори. Затоа мора да се внимава. Сета оваа збрка околу неточни податоци, ажурирање на податоци за картичките дополнето со тоа дека за осум дена ќе настапи изборна кампања, треба да се внимава на одредбите од законот кои велат дека не можат да се вршат исплаќања во тој период, истакна тогаш Тасева.

Аналитичарите и пред изборите укажуваа дека делењето на картички и ваучери е предизборен поткуп на купување гласови. Стартот на искористувањето на картичките се совпадна со предизборниот период, а ваучерите добија валидност токму на денот на изборите, 15-јули.

Од ВМРО-ДПМНЕ во јуни посочуваа дека јавноста не знае по кој критериуми ќе бидат делени картичките, ниту кој ќе одлучува кој да добие кој не. Од партијата нагласуваа дека се остава широк простор за манипулација и класичен поткуп на граѓани пред избори.

-СДСМ не знае како да се справи со пандемијата и во државата се случува тотален хаос. Ниту знаат што да прават на здравствен, ниту на економски план. Се фалеа со економски мерки кои беа задоцнети и не беа од никаква помош бидејќи илјадници граѓани останаа беа примања. Платежната картичка со која тие се фалат е класичен поткуп. ВМРО-ДПМНЕ апелира наместо на поткуп, власта да се насочи на санирање на штетите од кризата за фирмите и за работниците, истакнуваа во јуни од партијата.

Проекциите за до крајот на годината се дека јавниот долг ќе се задржи на 59,6% од БДП, додека државниот ќе се намали на 49,6% од БДП.