Траекторија на протестот од паркот во Чаир – Лоповите во затвор не во влада

“Не осиромашивте за да не купите”, “Лоповите во затвор а не во влада”, “ДУИ не е победник на изборите и правото на глас мора да се почитува” – беа само дел од скандирањата на маршот кој почна во 19:00 часот од паркот Чаир, продолжи преку улицата „Цветан Димов“, кај трговскиот центар „Мавровка“, потоа приврзаниците на АА и Алтернатива помина покрај Владата, а собирот заврши пред канцелариите на Делегацијата на ЕУ.

Држава што ги почнува преговорите за членство во Европската Унија не смее да дозволи дел од нејзините граѓани да бидат лишени од правото да избираат и да бидат избрани, што е основното човечко и политичко право во ЕУ, порача коалицијата на Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива од вечерашниот „Марш за демократија“ во Скопје.

Лидерите на Алијанса за Албанците и на Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши во обраќањето пред делегацијата на ЕУ од маршот упатија две барања до земјите – членки на ЕУ: да не се признае легитимноста на ДУИ како претставник на Албанците и да почне процесот на радикална реформа на Изборниот законик.

ДУИ не е победник на овие избори, туку е арамија на албанската политичка волја. Може да ја има легалноста според Државна изборна комисија, но никогаш нема да има легитимност за застапување на албанскиот народ во Северна Македонија. Ако сме земја која има за цел европска интеграција, слободата и демократијата треба да бидат клучен збор за оваа интеграција. Бараме од земјите на Европската унија, да се ​​осуди злоупотребата на правото на глас и да не се признае легитимноста на ДУИ како претставник на Албанците во Северна Македонија, како и да почне процесот на радикална реформа на Изборниот законик за идните избори, како што оценија, да станат пример дека нашата земја ги исполнува европските стандарди за фер и демократски изборен процес, беше порачано од собирот.

– Овие избори уште еднаш докажаа дека демократијата кај Албанците е безначајна идеја, зашто зборот „избори“ во албанскиот политички камп стана еквивалентен на зборот кражба. Манипулацијата со волјата на албанските гласачи, што веќе се случува на неколку изборни циклуси и која беше брутално истакната особено на последните избори, е аларм за нас дека ако не реагираме денес, утре може да биде предоцна. Како партија, може да се повлечеме од оваа нееднаква и не фер трка за нас, но се плашиме дека албанските гласачи ќе се лизгаат кон диктатурата и на долг рок може да има непожелни и непредвидливи импликации не само за Албанците, кои денес се жртви на државно фаќање, сметаат АА и Алтернатива.

– Овој начин на организирање на изборите, покрај тоа што става дамка на демократијата кај нас, предизвикува и обесхрабрување кај албанските граѓани да учествуваат на изборите кога веќе се знае резултатот и уште повеќе, ја убива демократијата, претворајќи се во монизам, диктатура или поточно демократија што како резултат може да има акумулирано незадоволство кое може да еруптира во незамисливи форми, потенцираа од двете партии.