Димитар Николов со објаснување – Дали Друштвото на филмски работници е единствено релевантно здружение од областа на филмот во нашата земја или ги бранат криминалите на Тозија?!

ДФРМ КАКО ЗАЛОЖНИК НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ ГИ БРАНИ КРИМИНАЛИТЕ НА ТОЗИЈА – објаснува Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ

Таа додава:

“ Друштвото на филмски работници со своето крајно непрофесионално соопштение се обидува да застане во одбрана на криминалот на директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија.

ДФРМ вели дека едногласно ги поддржале мерките на Агенцијата за филм за спас на филмската фела и на македонската кинематографија. За жал, поддршката на ДФРМ не е ништо друго туку поддршка на тонењето на филмската фела и на македонската кинематографија.

По ваквото небулозно соопштение кое во никој случај не е во интерес на филмската фела, се добива впечаток дека највисокото раководство на ДФРМ е во спрега со Тозија и заедно со него дејствуваат и работат незаконски.

Бројни се скандалите на Тозија и ДФРМ. Тие дрско се обидуваат да ги прикријат и да ги премолчат, Сепак, вистината секогаш успева да излезе пред очите на јавноста.

Молкот на власта сé уште трае. Тозија удобно е заседнат во својата директорска фотелја, а ДФРМ како добро платен адвокат ги брани неговите незаконски дејствија!

Комисијата за култура на ВМРО ДПМНЕ се обврзува дека по 15-ти јули ќе заврши молкот за сите скандали и за незаконското работење на Тозија. Ќе ставиме крај на низата скандали и криминали кои ја тресат филмската дејност во изминативе три години! Филмската дејност ќе ја вратиме на пиедесталот кој го заслужува. Ќе продолжиме да поддржуваме и да создаваме филмски дела како оние со кои сега ликува актуелниот директор на Агенцијата за филм, а при тоа заборавајќи дека тоа се успеси на филмски проекти одобрени пред неговото доаѓање на чело на Агенцијата за филм.”

https://www.facebook.com/komisiinavmrodpmne/posts/156026782747481

Во продолжение прочитајте ја реакцијата на Димитар Николов, филмски продуцент, претседател на АФИДИ и поранешен директор на ИФФК „Браќа Манаки“- Битола :

“ Го читам најновото соопштение кое Друштвото на филмски  работници на Северна Македонија, го упатува како подршка на Агенцијата за филм на Северна Македонија, по годишното Собрание на оваа организација и не можам, а да не реагирам на мноштвото произволни и неточни констатации. Како поранешен член на оваа организација и поранешен директор на ИФФК „Браќа Манаки“, ќе реагирам на неколку делови од ова соопштение, кои даваат погрешна слика за филмот во Републикава, филмските активности и трошењето на државните пари за поддршка или развој на истите.

Ќе почнам со делот со „индигнација се отфрлаат и се осудуваат обвиненијата на поединци во врска со споменатите мерки“.

Спомнатите мерки се спроведени на мала врата и селективно, без притоа да се види или да се сака вистински да се помогне на филмските професионалци во Републиката. Спрегата меѓу гореспоменатото здружение и директорот на Агенцијата е повеќе од само професионална соработка. Иако во државава постојат и други релевантни здруженија, кои ја претставуваат филмската фела, никој и никогаш не ги консултирал истите за мислење или дебата во врска со распределба на средства и помош на филмските професионалци. Можеби  надлежните институции ќе треба посериозно да се позанимаваат со последната распределба и да утврдат дали е правилно спроведена, дали и кои закони се евентуално прекршени и ако има законски пречекорувања, некој за тоа да одговара.

Следниот дел кој ќе го коментирам е „ваквото однесување нè враќа кон времињата на едноумие и нетранспарентност, кога огромни средства со години се префрлуваа на поединци и им беа исплаќани екстремно високи хонорари.“

Факт е дека во тоа т.н. едноумие, најмногу пари, кои се доделени се парите кон продуцентите, Роберт Насков (Кино Око и Партизанс, најмногу средства од сите доделени до 2016 –тата година), Томи Салковски (Скопје филм студио- најголем број на одобрени проекти и малцински серии) и Лабина Митевска (Брат и сестри Митевски). Сите горе-споменати компании добиле околу десет милиони евра до 2016-та. Само за илустрација, најуспешниот македонски филм на сите времиња „Медена земја“ доби од Агенцијата подршка од 80.000 евра. Спомнативе продуценти се еминентни членови на ДФРМ, поради што под прашалник е кредибилноста на ова здружение да зборува за нетранспарентност и едноумие.

Освен тоа Горјан Тозија, директор на Агенцијата, во рамките на филмскиот проект „Ослободување на Скопје“, бил еден од клучните луѓе кои овозможиле овој проект да се случи, а во исто време еден од најактивните членови и поранешен претседател на ДФРМ, па можеби треба да се запрашаме за евентуален конфликт на интереси.

Последното нешто кое ќе го коментирам е делот во соопштението кое се однесува на релевантноста на ДФРМ. „Друштвото на филмските работници на Македонија истакнуваат дека нивното здружение е единственото релевантно од областа на филмот во нашата земја. -ДФРМ e член е на IMAGO, светската асоција на кинематографери, член на FERA, европската асоцијација на филмски режисери, основач е и организатор на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и ја поседува лиценцата за избор на национален претставник за наградата Оскар, доверена од страна на Американската академија за подвижни слики, уметност и наука. Оваа година Друштвото на филмските работници прославува 70 години од своето основање“, посочуваат од ДФРМ.

Далеку дека ДФРМ е единствено релевантно здружение од областа на филмот во нашата земја. Ноторна лага. Ова здружение е единственото кое Агенцијата за филм, по разни основи го финансира и тоа секако треба да е под лупата на надлежните институции.

АФПМ (Асоцијација на филмски професионалци на Македонија) која е најголемата релевантна организација на филмски професионалци во земјава со членство од над 200 филмски професионалци;

МЗФП (Здружение на филмските продуценти на Македонија) е асоцијација на филмските продуценти и член на ФИАПФ (Светскта асоцијација на филмски продуценти и најсериозна институција во одбрана на продуцентските права во светот. Оваа организација е надлежна и за категоризацијата на светските фестивали);

АФИДИ (Асоцијација на филмски дистрибутери) е здружение, член на ФИАД (Интернационалната светска федерација на филмски дистрибутери и паблишери). Оваа организација е најголема во светот и нашата земја е единствена од регионот која е полноправно примена во оваа организација. За среќа, а благодарејќи на големото разбирање и поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија, како и на самите членки во АФИДИ, оваа асоцијација и покрај тенденциозните одбивања на проекти од страна на Агенцијата за филм на Северна Македонија, во периодот кога директор е г-нот Горјан Тозија, успешно функционира и ја претставува нашата земја во најрелевантнота светска асоцијација која се грижи за дистрибуција и промоција на филмови; 

АЗАС (Асоцијација за колективно управување на авторските и сродни права на авторите, продуцентите и изведувачите во аудио-визуелниот сектор од нашата земја). Оваа организација соработува со АГИКОА (светската организација, која управува со колективните права на 1 500 000 продуценти од целиот свет) и со комисиите во Советот на Европа надлежни за имплементацијата на Европскиот закон и регулативи за авторки и сродни права.

Ако ова не се релевантни организации, тогаш не знам кои би биле. За жал финансиската спрега Агенција – ДФРМ, по ниеден основ не финансира нивни проекти, ниту пак им ги плаќа чланарините во европските и светски организации, како што тоа го прави со членствата на ДФРМ. Затоа сите овие асоцијации се самофинансираат со пари собрани од членовите.

ДФРМ со игнорантскиот однос кон сѐ што е ново и активно во сферата на филмот, нанесе огромни штети на кинематографијата во земјава и како што изгледа продолжува да го следи тој курс потпомогната од Агенцијата со која раководи Тозија. Скоро разговарав со еден еминентен културен и филмски деец, Албанец, кој ми кажа дека во ДФРМ не членува нити еден Албанец и покрај тоа што нашите сограѓани Албанци, се активно вклучени во филмската дејност во републикава и активно допринесуваат за нејзиниот подем.

Инаку за крај сакам да напоменам дека на ДФРМ, кон крајот на минатата година им е пресудено да ми исплатат надомест за нелегалната и нетранспарентна постапка при моето остранување од функцијата директор на ИФФК „Браќа Манаки“ во 2016 година, а од пред неколку денови имаат нова пресуда со која се обврзани за исплата на дополнителни средства по истиот основ. Во моментот против ДФРМ се водат и други постапки за надомест на штета, па се надевам дека надлежните органи исто така ќе се занимаваат со овие факти. Куриозитет е и фактот дека фестивалот кој го организира ДФРМ, од Агенцијата добива пет пати поголеми буџетски средства од единствениот категоризиран фестивал во Северна Македонија Синедејс.” – објаснува Димитар Николов